Поранешниот потпретседател на Ирак и еден од најблиските соработници на некогашниот ирачки лидер Садам Хусеин, Изат Ибрахим ал Дури е убиен при воена операција против џихадистите во реонот на Хамрин, јави ТАСС.
Според телевизијата Скај Њуз Арабија, Ал Дури бил убиен при заедничка акција на ирачката армија и шиитските паравоени формации во Хамрин, на 75 километри североисточно од Бакуба.
Ова не е првпат, арапските медиуми да јавуваат за ликвидација или апсење на Ал Дури, но таквите информации потоа редовно беа деманитрани.
Овој пат убиството на Ал Дури го потврди и гувернерот на Хамран, Салах ал Дин, кој поранешниот ирачки потпретседател го нарече „десна рака на Садам Хусеин“ и „мозок на џихадистичката група Исламска држава“. Според Ал Дин, убиството на Ал Дури претставува тежок удар за ИД.
Ал Дури беше ирачки министер за внатрешни работи од 1974 до 1979 година, по што беше избран за потпретседател на Ирак, функција на која остана се до падот на режимот на Садам Хусеин во 2003 година. Од 1991 до 2003 година тој беше и секретар на владејачката партија БААС.
Од 2003 година, Ал Дури беше во бегство. Тој беше под број шест на американската листа на најбарани поранешни ирачки лидери и за негово убиство или апсење е распишана награда од 10 милиони долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


