Опозицијата да се врати во Собранието и да ја презеде улогата за која е избрана побара американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Брајан Ји кој денеска имаше средба со премиерот Никола Груевски. На средбата се разговарало за актуелната политичка криза и начините за нејзиното надминување.
Тој побара Владата да работи заедно со партнерите за надминување на кризата и да ја реафирмира својата посветеност на патот кон ЕУ и НАТО и вредностите врз кои овие институции се основани.
Како што изјави по средбата американскиот дипломат политичката криза има повеќе аспекти, а еден од нив е содржината на снимките кои се емитувани кои говорат за можна корупција во власта, можно влијание на власта врз медиумите, врз правосудството за можни изборни злоупотреби и други видови злоупотреби на власта.
– Разговаравме повеќе за важноста оваа криза да биде надмината и обврската на медиумите да ги зачуваат основните демократски вредности, а лицата на власт да ги исполнат своите обврски за кои биле избрани. Владата треба да ја испочитува и да ја реафирмира заложбата за евроатлантските принципи за Македонија да продолжи со напредокот кон ЕУ и НАТО – рече Ји во изјава за медиумите по разговорите во Владата. Тој посочи дека во оваа криза во тек е и судски процес за одговорноста за прислушувањето и за објавувањето на прислушуваните разговори.
– Тоа е важен аспект и ние го почитуваме. Ја повикуваме Владата и нејзините институции да ги земат предвид сериозно сите обвинувања и инсинуации за можно незаконско однесување исто како што тоа го прави во однос на обвиненијата поднесени против лидерот на опозицијата Заев. САД остануваат силни поддржувачи на македонските евроатлантски интеграции – рече Ји.
Тој ги повика сите членови на македонското општество, вклучуваќи ги и медиумите, граѓанското општество и опозицијата да направат се што можат да го зајакнат патот на Македонија кон евроатлантските интеграции.
– Во случајот на опозиција се надевам дека таа ќе се врати во Парламентот што е можно поскоро и ќе ја преземе својата демократска улога за која е избрана. Се надевам дека Македонците ќе работат заедно за да ја надминат кризата и ќе се фокусираат на она што е најважно продолжување на патот кон ЕУ и НАТО, креирање на посилна економија и подобра клима за странски и домашни инвестиции кои ќе создадат нови работни места и подобра иднина за граѓаните на Македонија, рече американскиот дипломат.
Заменик помошникот државен секретар Ји порано денеска се сретна со министерот за надворешни работи Никола Попоски. Предвидено е во текот на денот да има разговори со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а средбата со лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев е закажана за утре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.