Доларите продолжуваат да ја засилуваат позицијата на валутниот пазар. Нивната речиси изедначена вредност со еврото ја покажува силната позиција на американската економија, која и покрај проблемите со кои се соочува успева да расте. Прогнозите говорат дека во оваа ситуација послабото евро може да ја врати моќта на европската економија, и покрај моментната монетарна политика, што истовремено може да биде добро за некои, но лошо за други играчи на пазарот. Падот на еврото во однос на доларот не влијае директно врз македонската економија и граѓаните поради фиксниот курс на денарот во однос на еврото, велат стручњаците. Од оваа ситуација директно влијание имаат компаниите, чијашто надворешно-трговска размена е во долари. Од Народната банка велат дека девизните резерви се стабилни, банките се ликвидни, а заштедите на граѓаните и на фирмите во долари се сигурни. И покрај мерките на Европската централна банка за стимулирање на инфлацијата во еврозоната, нема опасност таа да се одрази врз македонската економија, сметаат и стопанствениците и стручњаците.
– Оваа промена е добредојдена за компании, чиишто цени се во евра. Зајакнувањето на доларот во однос на еврото за земјите и за компаниите, чиишто цени се во евра, ќе значи можност за зголемување на извозот во земјите каде што доларот е национална или општоприфатена валута во надворешно-трговската размена. Резултатот на ваквиот валутен однос за овие земји ќе значи нивни поевтин производ – вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
И стручњаците со слично размислување.
– Американскиот долар е релативно малку застапен во надворешно-трговското работење на македонските претпријатија. Поради тоа, генерално, може да се каже дека растечката вредност на американскиот долар нема посилно влијание врз работењето на најголем број економски субјекти во земјата. Во основа, растечката вредност на доларот им одговара на извозниците што наплатуваат во долари. Од друга страна, увозниците што плаќаат во долари имаат загуба во своето работење поради што е потребно нивно брзо и ефектно пренасочување кон други пазари каде што плаќањето се врши во друга валута, а, пред сѐ, во евра – смета професорот Томе Неновски.
Според него, растежот на вредноста на доларот во изминатите 8-10 месеци имаше позитивно влијание врз делот од девизните резерви на државата, кои се чуваат во долари.
– Имено, појавата на т.н. позитивни курсни разлики, како резултат на порастот на вредноста на доларот, предизвика соодветно зголемување на девизните резерви врз таа основа – додава Неновски.
Тој смета дека растечката вредност на доларот би можела да има влијание врз порастот на трошоците за плаќање увоз на нафта, чијашто цена секогаш се изразува во долари.
– Но, на светските пазари се случува тоа што, најчесто, се случува: порастот на вредноста на доларот е следен со намалување на цената на нафтата. Спротивставените движења на вредноста на американскиот долар и цената на нафтата условуваат цените на нафтата и на нафтените деривати на светските и на домашниот пазар драстично да се намалат – објаснува Неновски.
Еврото почна да тоне со почетокот на програмата на Европската банка тешка 1,1 милијарда евра. Имено, банката планира месечно да печати 60 милијарди евра, сѐ додека инфлацијата не ја достигне предвидената стапка од два процента. Според предвидувањата, оваа стапка на инфлација треба да се достигне во септември в година, но многумина аналитичари велат дека може и да се одолжи. Ако овој план се спореди со искуството на Американската централна банка, која спроведе слична програма во периодот 2008-2013 година, може и понатаму да се очекува значителен пад на вредноста на валутата. Прогнозата на „Голдман Сакс“ е дека еврото ќе падне на 0,80 во однос на доларот до крајот на 2017 година. Еврото веќе ослабна во однос на доларот од почетокот на оваа година, а некои стручњаци сметаат дека паритетот на еврото и на доларот ќе се изедначи до крајот на оваа година, ако не и порано. Последен пат кога еврото и доларот беа еднакви, беше на 26 јануари 2002 година.
– Во претстојниот период, веројатно, ќе дојде до натамошен пораст на вредноста на доларот. При такви прогнози и предвидувања, пожелно е извозниците да ја засилат својата производствена и надворешно-трговска активност насочена кон пазари каде што се плаќа во долари затоа што тоа ќе им се врати со повеќекратни позитивни ефекти. Истовремено, увозниците што плаќаат во долари треба, колку што е можно побрзо, своето работење да го пренасочат кон други пазари, каде што плаќањето се врши во друга валута, а, пред сѐ, во евра – вели Неновски.
Како најголеми победници од оваа „валутна војна“ се јавуваат големите компании за производство и за дистрибуција на нафта и на гас. Послабото евро ќе помогне да се воспостави рамнотежа на цените на суровата нафта. Намалената вредност на еврото, истовремено ќе го направи поатрактивен европскиот извоз, како и поголемиот дел од глобалната трговија деноминирана во долари. Германија, како водечка извозна економија од еврозоната, пред сѐ ќе оствари голема заработка преку океанот.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 136. број на неделникот „Република“, 10.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.