Старата вистина вели дека кога немаш, ќе си измислиш. Проблемот е што тоа може и да заврши работа за тебе, но не и за другите. Измислицата, едноставно, тешко им се продава на другите. Прикаската се усложнува кога се претставуваш како „државотворна“ партија, која, според генетскиот код, е миленик на меѓународната заедница, а истовремено, додека ја уриваш истата таа држава, која демек си ја изградил, таа иста меѓународна не ти дава ама никаква поддршка. Во тој случај, поради членството и народот кому две и пол децении си му ја продавал сказната за државотворноста, сакал или не, ќе си измислиш и поддршка од меѓународната заедница. Секако, поради нивната нереалност, тие ќе немаат имиња и ќе се водат како „високи функционери“, настанати од толку ниска побуда наречена желба за власт. Токму такви двајца имагинарни и безимени амбасадори на земји од ЕУ во Македонија се „појавија“ во прикаската на Еуроактив, а „нивните“ максимално пристрасни изјави наидоа на фантастичен прием кај опозициските медиуми, кои, без исклучок, си препишаа сѐ до точка и до запирка. Интересно, но никој не мислеше дека е потребно да се праша кои се овие две европски чеда, толку лути на власта и со вокабулар и став небаре калапен во СДСМ. Разбирливо, текстот немаше автор, како и „документарецот“ на „Ал Џазира“, каде што барем ставија измислено име, но новата прикаска се изјалови со коментарите под неа – од десетината засегнати сите со потсмев прокоментираа дека сторијата е смешна, жална и нарачана. Но не и за дел од македонските телевизии и весници, а за порталите и да не зборуваме.
Очигледната вљубеност на опозицијата во „Невидливиот човек“ на Џорџ Велс се покажа пред половина година, кога најавија 5.000 тимови што ќе одат од врата на врата за да ја споделат нивната вистина. Дури и партискиот гласноговорник на една прес-конференција потврди дека тие биле на терен?! Проблемот е што никој не ги виде овие 10 до 15 илјади луѓе, освен неколкутемина „одбрани“ во врхушката на партијата, кои и така ги имаат тие специјални, најцрни очила за случувањата во државата. Сепак, било до оптиката, нели… Во Велсовиот „Невидлив човек“ проблемот настанува кога главниот лик не може да се врати во „нормала“ и останува невидлив. Дали историјата ќе се повтори и со опозициските милувачи на Велс? Ќе остане ли и нивната партија „невидлива“, односно ќе исчезне ли од политичката сцена, по теркот на нивните невидливи поддржувачи од ЕУ и од илјадниците тимови? Многумина, веројатно, ќе помислат дека така би им направиле голема услуга на сите, особено на државата…
Поселт: Заев да престане да се инволвира во чудни конспирации
За разлика од фантомските поддржувачи на опозицијата од ЕУ, контра нив застанаа дузина европски политичари од сите политички проминенции, кои ја поддржаа власта, но вистински. Дејствувањето на опозицијата го осудија десетици европарламентарци, членови на Советот на Европа и многу еминентни имиња на политичката сцена во нивните држави и пошироко. Основната порака на сите беше опозицијата да го прекина нелогичниот бојкот и да се врати во собранието, каде што и треба да се води дијалогот. Еден од нив е и германскиот политичар Бернд Поселт, кој 21 година е европарламентарец. Тој е долгогодишен претседател на Паневропското движење во Германија и координатор и гласноговорник на ЦСУ, владејачката партија во Баварија и партија што заедно со ЦДУ на Ангела Меркел владее со Германија. Поселт, кој е одличен познавач на состојбите во Македонија, нашите граѓани го препознаваат по острите реплики до грчките политичари во ЕП во однос на македонското прашање и проблемот за името. За „Република“ германскиот политичар оценува дека барањето за техничка влада е скандал. Бара Заев да престане со инволвирањето во чудни конспирации.
Како ги толкувате последните настани во Македонија, едногодишниот бојкот на парламентот и двомесечното презентирање на нелегално добиени телефонски разговори од страна на лидерот на опозицискиот СДСМ?
ПОСЕЛТ: Европските демократски стандарди се апсолутно јасни. Парламентарците што се избрани од граѓаните имаат огромна одговорност кон државата независно дали му припаѓаат на мнозинството или на опозицијата и должни се да работат. Така што сите политички сили во Европскиот парламент и во земјите-членки на ЕУ се согласуваат дека СДСМ мора од улица да се врати во демократските структури и институции на Република Македонија.Во меѓувреме, неговите 31 пратеник зедоа 10 плати од парламентот што не го признаваат. Една пратеничка плата е околу четири просечни плати во државата. На изборите загубија со 200.000 гласови разлика, а претседателот на ДИК беше од нивните редови. ОБСЕ ги оцени изборите како регуларни и ефикасни. Дали, воопшто, сте слушнале за такво непризнавање на волјата на граѓаните во Европа или пошироко?
ПОСЕЛТ: Изборите во Македонија беа коректни и мораат како такви да се прифатат и од тие што не победија на тие избори. Ова е еден од главните и најважни принципи на демократијата. Не можете повторно и повторно да барате нови избори, сѐ додека не го добиете мнозинството. Дури и фудбалски натпревар не би можел да функционира на овој начин!Истовремено, лидерот на СДСМ е еден од осомничените за нелегално и насилно преземање на власта во случајот „Пуч“. Како ЕУ ги интерпретира ваквото опозициско омаловажување на законите и државата во Македонија?
ПОСЕЛТ: Македонската влада е поддржана од мнозинството од слободно избраните пратеници во македонското собрание. Така што јас мислам дека е скандал доколку еден од опозициските лидери, наспроти демократската волја на народот, бара техничка влада на бирократи. Тој би требало да се фокусира и концентрира на работата на опозицијата во парламентот. Следните избори, можеби, ќе му дадат нова шанса, секако, доколку ја заврши својата работа и престане да се инволвира себеси во чудни конспирации.Институциите на системот не го соопштија идентитетот на странската држава што „помогна“ во добивањето на нелегалните аудиоматеријали, но, како и да е, ова е сериозен удар врз македонското општество, кој создава доза на страв и на несигурност меѓу граѓаните. Кои се вашите препораки за излегувањето на крај со актуелната ситуација?
ПОСЕЛТ: Сите партии, вклучувајќи ги и опозициските партии, треба да бидат патриотски. Барам од нив да престанат со загрозување на патот на Македонија кон Европската унија и кон структурите на НАТО, кои и така се доволно тешки поради опструкциите од некои соседни земји.
„Невидливите“ се дел од историјата на партијата
Употребата на невидливите луѓе и други магионичарски трикови во истиот „фазон“, сепак, не се измислица на актуелното раководство на СДСМ. Употребата на имагинарни ликови и „чири-бу, чири-ба“ прикаската на македонската политичка сцена одамна е неизоставен дел од историјата на партијата, а, за жал, и на државата. Само што сега „невидливите“ имаат поинаква димензија. Порано, истите тие невидливи луѓе гласаа на избори, како тие во 1994 година. Невидлив беше и доказот за државјанство на 150.000 лица истата таа година. Девалвацијата на денарот, пак, во 1997 година ја направија „невидлива“ со создавањето на корените на конфликтот во 2001 година, т.е. апсењата во Гостивар и во Тетово. За жал, многу видливо е „пуштањето вода“ кон ДУИ, со која се посватија преку Буџаку. Токму во негово време, кога беа во коалиција, за нив „невидливи“ беа и границите на територијалната поделба во 2004 година, кои денеска се видливи од авион. Но тогаш, тие прашања, едноставно, не заслужуваа одговор?! Така барем говореше Шекеринска, а беше и полесно, особено со таа добро „наместена“ оптика за предодредената, поздразбирлива и неподнослива леснотија на владеењето…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 136. број на неделникот „Република“, 10.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Димитриев: Очекувам висока посветеност и висок државотворен капацитет од сите членови на Владата без разлика на политичката припадност
-
СДСМ повторно истрчува со истиот тим: Спасовски, Ременски, Наумов, Кирацовски, Николовски
-
Пратениците од СДСМ не гласаа: Собранието го избра Оливер Андонов за министер за внатрешни работи
-
Димитриев: Андонов е човек со кредибилитет и максимално професионално ќе ја извршува функцијата