| четврток, 6 декември 2018 |

Спасов: Македонија презема сериозни мерки за намалување на невработеноста

Еден од предизвиците со кои се соочуваат земјите од Југоисточна Европа е невработеноста. Владите во изминатите две децении создаваа политика за отворање на повеќе работни места, но потребни се заеднички напори на државите за да се подобрат состојбите.

Ова беше истакнато на денешната дводневна регионална конференција за вработување и социјална инклузија во Југоисточна Европа и Труција што денеска почна во Скопје.

Според Џихан Султаноглу, помошник на генералниот секретар на Обединетите нации и регионален директор на УНДП за Европа, просечните нивоа на невработеност во земјите од Западен Балкан се преку 20 проценти, а стапките на вработеност, генерално, изнесуваат 43 проценти, што претставува најнизок удел од каде било во светот. ­

– Создавањето пораст богат со работни места е клучот за бришење на прекарот што овој регион го носи како „сиромашна периферија“ на Европа ­ и тоа е предизвикот околу кој е структуирана оваа конференција – рече Султаноглу додавајќи дека сепак во изминатите две децении е спроведена политика за отворање нови работни места, а застарените образовни системи се приспособени со цел да се надополнат недостатоците од вештини потребни на пазарот на труд.

Министерот за труд и за социјална политика Диме Спасов посочи дека Република Македонија е на вистинскиот пат кога е во прашање невработеноста за што говорат и бројките, односно намалувањето на невработеноста од приближно 40 проценти на 27,6 проценти. ­

– Почнувајќи од 2007 година, Владата на годишно ниво носи оперативни планови на активни програми и мерки за вработување каде се дефинираат активните мерки за вработување, целните групи, конкретните активности и рокови. Фактот дека од 2007 година до 2014 година преку мерките за вработување од оперативните планови се вработиле над 36.500 лица, што во македонски услови претставува сериозна бројка, говори дека таквиот пристап во справувањето со невработеноста е целосно оправдан, рече Спасов, додавајќи дека за годинава е усвоен нов оперативен план со кој се очекуваат нови 8.200 вработувања.

Тој нагласи дека намалувањето на невработеноста е врвен приоритет на Владата и во таа насока ја спомена мерката за вработување на млади до 29 години со која за нешто повеќе од една година се вработени приближно 8.000 лица. ­

– Секоја сериозна држава има визија за иднината на младата популација. Предизвикот на младиот човек да дојде до посакуваното работно место и да ја обезбеди својата егзистенција во матичната држава, нам како Влада, постојано не мотивира да размислуваме и да изнаоѓаме начини како да му го овозможиме тоа. Ги земаме предвид интересите и на бизнис секторот, односно работодавачите кои во ова време треба да бидат посакуван сектор за младите, каде би го оствариле сопственото вработување, посочи Спасов.

Во контекст на мерките што се преземаат министерот го спомена и проектот „Македонија вработува“ кој опфаќа поголема категорија на граѓани и со кој се очекува значително опаѓање на невработеноста.

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ посочи дека создавањето на работни места бара кохерентни и координирани политики за создавање на економски раст и инклузивни работни места. Според него, ова бара одржлива макроекономска политика, клима поволна за инвестиции, силен човечки капитал и подобрени претприемачки вештини особено меѓу младите луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top