Италијанската „Диатек“ финишира со изградбата на својот капацитет во Бунарџик што се простира на површина од 2.500 квадратни метри, а првото производство е планирано за налето. Во фабриката ќе работат 200 работници, пишува „Лидер“.
– Првата група работници веќе замина на обука, а со зголемувањето на обемот на производство ќе се зголемува и бројот на вработени. Во почетокот, суровините ќе ги увезуваме од странство, но веќе го истражуваме локалниот пазар, со цел суровините и секундарните материјали да ги набавуваме од Македонија – вели сопственикот Диего Мосна.
Компанијата за дигитално печатење има план од земјава да ги освојува пазарите на источна Европа, северна Африка и Турција, но и да креира годишен извоз од 15 милиони евра.
Со „Диатек“, Бунарџик налето ќе брои 7 активни и оперативни компании, имајќи предвид дека под полна пареа веќе функционираат капацитетите на „Вистеон“ (поранешен Џонсон контролс), „Џонсон Мети“, „Текнохозе“, „Ван Хол“, „Кемет електроникс“, „Продис“.
Паралелно со инвеститори се полни и слободната економска зона во Штип. „Џонсон контролс“ од месец во месец го билда своето производство, а наскоро со работа почнува и германски „Техникал текстил“. Компанијата веќе стави потпис на договорот за вложување, а капацитетот е во финална фаза од изградба, пишува „Лидер“.
– Сакаме што поскоро да почнеме со реализација. Изградбата на фабриката треба да заврши за четири недели. Ако сè оди според планот, планираме и да го прошириме бизнисот со производство на алуминиум и на пластика, но и со други вложувања – вели сопственикот на компанијата Јенс Венгланд.
Потпишаниот договор со „Техникал Текстил“, инвестиција вредна 10 милиони евра, предвидува отворање на 1.000 работни места. Првите 50 работници се веќе на обука во Словачка, а во мај ќе бидат ангажирани уште 300 до 400 луѓе. Огласот за вработување е веќе во тек.
За две години – 7.000 вработени во слободните зони!
Слободните економски зони во моментов бројат 3.500 вработени. Оваа бројка до крајот на годинава ќе се искачи на 5.000 луѓе, а до 2016-та ќе биде и двојно зголемена. На терен финишираат работите за новиот инвестициски бум.
– Освен „Диатек“ во Скопје и „Техникал Текстил“ во Штип кои се во финална фаза на изградба на капацитетите, во Скопје се гради објектот на „Капкон“, а завршува втората фаза на инвестицијата на „Текнохозе“. Во Кичево, компанијата „КСС“ ги заврши сите активности што се потребни за да почне со изградба на фабриката во зоната во Кичево, а работите на терен ќе почнат за три до четири недели. Во јуни или јули и „ОДВ Електрик“ ќе започне со изградба на својот капацитет во зоната во Струга. При последните контакти со менаџментот на „Гентерм“ бевме информирани дека тие со проектантите се во завршна фаза од проектот и во втората половина на мај ќе започне да се гради и овој капацитет“ – вели првиот човек на слободните економски зони Виктор Мизо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.