| четврток, 6 декември 2018 |

Руски рибaрски брод потона крај Канарските Острови

олег

Рускиот рибарски брод „Олег Најденов“, полн со гориво, потона крај брегот на островот Гран Канарија, еден од Канарските Острови, соопштија денеска шпанските власти.

Како што јавија британските медиуми, бродот потонал синоќа на околу 15 морски милји од Гран Канарија.

Рускиот брод се запали за време на викендот во пристаништето Лас Палмас на островот, кога се подготвуваше за отпловување. За пожарот да биде држан под контрола бродот мораше да биде одвлечен надвор од зоната на пристаништето, а потона кога се враќал назад.

Шпанските поморски спасувачки служби во моментов проверуваат дали има истекување на гориво од бродот и загадување на водата и доколку до тоа е дојдено да се преземаат неопходните дејствија, се наведува во соопштението на шпанското Министерство за транспорт.

Бродот, според податоците на еколошката организација Гринпис, бил натоварен со 1.400 тони гориво. Тој потона на длабочина од 2.400 метри, јужно од плажата Маспаломас на Гран Канарија, која е позната по своите песочни дини.

На бродот се наоѓаа 72 морнари, од кои 68 Руси.

Директорот на компанијата сопственик на бродот, Јуриј Паршов се наоѓа во пристаништето во Лас Палмас и објасни дека бродот бил осигурен.

Пожарот се појави во машинското одделение на бродот и тогаш сите членови на екипажот беа евакуирани и сместени во локален хотел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top