Лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кој беше привремено ослободен, заради лекување, од притворот во Хаг, каде му се суди за воени злосторства, е сериозно болен и не треба да биде вратен назад, изјави неговиот медицински тим на прес-конференција во Белград, објави Балкан Инсајт.
– Неговото враѓање во Хашкиот трибунал би бил обид за убиство. Тоа ќе биде фатален потег, бидејќи неговата здравствена состојба секојдневно се влошува – вели Милован Бојиќ, еден од членовите на неговиот медицински тим.
На Шешељ, кому му се суди за злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија, кој се врати во Белград, во ноември, откако од хуманитарни причини беше привремено ослободен, му е потребна интензивна нега најмалку 24 недели, рекоа неговите лекари.
– Му наредивме да се одмора и да се движи што помалку, затоа што има постојана висока температура, рече Бојиќ.
Шешељ, во наредните месеци, треба да добие интензивна хемотерапија и други третмани за рак, но тој ќе го одбие лекувањето доколку го вратат во Хаг, нагласи Бојиќ.
– Шешељ изјави дека таму нема да се согласи на никаков медицински третман – рече тој.
Бојиќ истакна дека Шешељ не добивал соодветен третман во притворот на судот на ООН. Тој го обвини обвинителството на Хашкиот трибунал, за кршење на основните човекови права на националистичкиот политичар и за намерно занемарување на неговото здравје.
Обвинителството во понеделник поднесе барање до Апелацискиот совет на Меѓународниот суд, велејќи дека нема причина да се одложува враѓањето на Шешељ во притвор во Хашкиот трибунал.
Апелацискиот совет на 30 март му наложи на Судскиот совет веднаш да донесе наредба за отповикување на одлуката за условно ослободување на Шешељ.
Ваква наредба сè уште не е дадена, бидејќи Судскиот совет побара дополнителна документација за здравствените проблеми на Шешељ.
Шешељ пак, му забрани на својот тим лекари, да му обезбеди на судот на ООН, детали за неговата здравствена состојба.
Одлуката за враќање во притвор на обвинетиот за воени злосторства, Воислав Шешељ, беше донесена поради кршење на условите за негово привремено ослободување заради лекување, откако тој неколку пати досега изјави дека нема доброволно да се врати во Хаг, каде треба да ја слушне пресудата во неговиот судски процес.
Тој, по враќањето во Белград во ноември, поведе националистички протести и даде серија изјави што сериозно ги налути воените жртви.
Во меѓувреме, српската влада изјави дека одлука, за враќањето на Шешељ, ќе донесе откако ќе го добие решението од Судскиот совет.
Шешељ се наоѓа во притвор од 2003 година, кога доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал.
Изрекувањето на пресудата беше закажано во октомври 2013 година, но потоа беше одложено, откако еден од судиите беше изземен поради наводна пристрасност.
Се очекува, новоназначениот судија, барем до крајот на јуни 2015 година, да се запознае со деталите на случајот. Ова предизвика уште едно одложување на маратонското судење.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.