| четврток, 6 декември 2018 |

Малезиската полиција во лов по тројца терористи

Малезиската полиција вчера започна голема акција за пронаоѓање и апсење на тројца терористи кои неодамна се вратиле од Сирија. За нив има докази дека учествувале во борбите во Исламската држава и индикации дека се вратиле за да започнат борба за формирање на исламски калифат во Малезија.

Според заменикот министер за внатрешни работи на Малезија Ван Јунаиди Џаафар, се работи за опасни лица чија задача била да ја шират и практикуваат идејата на Исламската држава во Малезија и сосоедните држави.

Полицијата соопшти дека ги знае семејствата на тројцата терористи и дека ќе направи се тие да не можат да ги пореметат мирот и стабилноста на Малезија.

На боиштата во Ирак и Сирија до сега заминале најмалку 1.119 државјани на Малезија. Властите во оваа држава стравуваат дека повратниците, задоени со идеологијата на Исламската држава и инструкциите што ги добиле тамо се најголемата опасност за ширење на радикализмот. И покрај противењето на дел од исламскиот клер, Малезија на почетокот на април усвои нов закон против тероризмот според кој осомничените пропагатори, а идеите на Исламската држава можат да бидат задржани во притвор без ограничување на времето, дури и без судска одлука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top