| четврток, 6 декември 2018 |

Се менуваат правилата за тргување на Македонската берза

berza

Комисијата за хартии од вредност даде согласност за воведување нов тип налог на Македонската берза АД Скопје по најповолна цена, а истовремено и за модифицирање на постојниот лимитиран налог.

Согласноста за измените и дополнувањата на Правилата за тргување на Македонската бера АД Скопје, е дадена на денешната седница на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија со која претседаваше претседателската Елизабета Чингаровска.

Налогот по најповолна цена е наменет за оние клиенти кои се подготвени да му дадат на брокерот право да одлучи кога ќе го реализира. Налогот е без дефинирана цена, но со утврдена  количина од страна на клиентот. Брокерската куќа или овластената банка одлучува кога и по која цена ќе го реализира налогот, при што важат ценовните ограничувања за определената хартија од вредност.

Со измените кои се вршат во однос на начинот на извршување на лимитираниот налог се воведува можноста клиентот да даде специфични инструкции за реализирање на лимитираниот налог, а се доуредува и обврската на брокерската куќа или овластената банка да ги преземе сите неопходни активности за извршување на налогот под услови кои се најповолни за клиентот, земајќи ги предвид цената, трошоците, начинот и брзината на реализирање, вредноста и карактеристиките на налогот на  клиентот и други околности кои се важни за неговото извршување.

Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на седницата што се одржа денеска издаде една дозвола за работење на брокер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top