„Алиса во земјата на чудата“ во режија на Александар Ивановски, утре (16 април, 2015) од 19:00 часот, ќе биде изведена на сцената на Театар за деца и младинци.

Најмладите ќе можат да видат претстава со раскошни костими и многу музика, како и одлична актерска игра на Марија Ѓорѓијовска, Предраг Павловски, Тања Кочовска, Катарина Илиевска, Винета Дамческа, Петар Стојковиќ, Ана Левајковиќ и Драган Довлев.

За претставата „Алиса во земјата на чудата“ режисерот Ивановски рече дека зборува за сонувањето, за моќта на детската фантазија, за моќта на создавање специфични светови.

– „Алиса во земјата на чудата“ е просто непресушен извор на инспирација и на имагинативна провокација. Она што посебно не интересираше како екипа беше да го отвориме тој простор на сонот, логиката на движењето на нарацијата на ниво на асоцијација, без класична линеарност, туку структура што се базира на асоцијација, сон, имагинација, нешто што во текстот на Луис Керол го има во изобилство, рече Ивановски.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


