Трча, се бори, не запира. Малку скок, малку шут, кога погодува, кога не успева, но македонскиот репрезентативен крилен центар, едноставно, не запира.
МЗТ Скопје ги надмина сите очекувања и на домашната спортска јавност, и на балканската кошаркарска јавност. Аеродромци имаа девет победи од пред Нова година, кога и се здобија со статусот хит на ова издание на Јадранската кошаркарска лига. Три лика се наметнуваат како лидери во изненадувачкото патешествие по поранешна Југославија: тренерот Алеш Пипан, најискусниот Тодор Гечевски и најкористениот според минутажата Ѓорѓи Чековски. Силното крило е гостин на „Република“. На прашањата за амбициите на клубот, за неговото учество во репрезентацијата и кој треба да ја води, според својот карактер, одговара брзо, отсечно, чесно и без грижи дали некого ќе налути. Впрочем, од Станко, како што го знаат и нарекуваат сите што имаат каква било врска со нашата кошарка, ништо поинаку и не очекувавме.
Чековски, честити празници. Претпоставувам, ги поминавте во добро расположение, со оглед на извонредните резултати на МЗТ Скопје?
Чековски: Прво на сите ваши читатели и на сите Македонци да им ги честитам сите минати празници, второ морам да признаам дека расположението ни беше одлично зашто ние спортистите, сепак, сме под влијание на тоа што сме го оствариле. Со девет победи, кои се над сите претпоставки, секако дека и расположението беше вистинско, иако ние во МЗТ, практично, и немавме класичен одмор бидејќи на 5 јануари имавме меч со Будуќност.
Очекуваше ли ти таков пласман на средина од дебито во Јадранската лига?
Чековски: Јас сум оптимист по природа, но не бев убеден до тој степен во ваков резултат. Да бидам искрен, и нашиот став се менуваше како што се одвиваше натпреварувањето. Почнавме со две победи и, нормално, се израдувавме, па доживеавме три порази и малку паднавме. Во тоа време се врати Гечевски, дојде Пипан и потоа тргна и си дојде на место.
Како гледате сега на опстанокот, односно на разигрувањето за првите четири? И едното и другото се и близу и далеку.
Чековски: Ние сме близу до оптималните 10 победи, но лигата е многу изедначена. Главната цел беше да не бидеме меѓу последните, но знаете дека нема многу филозофија, како што влеговме во серија успеси така можеме да одиме и во негативна. Сега сите не сфатија сериозно и затоа да одиме чекор по чекор. Ако се знае дека екипите од Евролигата сега ќе бидат концентрирани само на АБА, реално разигрувањето за првите четири и не е толку близу, настрана што тие имаат и финансиска моќ, па веројатно и уште ќе менуваат во составите, ќе се засилуваат.
Пипан вели дека за вакво темпо, се претпоставува и во игра и за резултатите, ви требаат уште двајца во ротација.
Чековски: Задолжително. Со седум-осум играчи е тешко да се издржи овој ритам. Нам ни требаат уште еден центар и еден бек. Видовте што се случи со доаѓањето на Оташевиќ и на Бакиќ, станавме поагресивни, можеме да притискаме во одбраната, а особено е добро тоа што во нив добивме кошаркари што играат за екипата. Се согласувам со Пипан, ни требаат уште двајца.
Често се чини дека тебе не ти треба замена, но, во исто време, имаш и големи падови. Не е белки физичката подготовка проблем?
Чековски: Веројатно е нормално бидејќи нема играч што може да одигра 35-40 минути со иста концентрација. Како што велат во спортот, постои тој елемент, потрошеност на материјалот. Кога се игра со таква минутажа неизбежно доаѓа до замор, а тој е причина за послабите периоди и кај мене, иако ако некој ме праша, јас би играл цел натпревар. И има уште нешто, јас и психолошки сум целосно влезен во секоја средба, па можеби и тоа исцрпува повеќе.
Како интерно е поставен МЗТ Скопје? Има ли хемија меѓу играчите или е тоа поставено на професионална база?
Чековски: Ќе речам дека, пред сѐ, атмосферата е добра, но постои и фактот дека овој МЗТ Скопје е најдоброорганизираниот кошаркарски клуб во Македонија во овој период на наша самостојност. Треба да се истакне и тоа дека Ацо (Тодоров з.а) и Тоше (Гечевски з.а) создадоа хемија во екипата и ги натераа сите да гинат, што е под влијание и на навивачите во Аеродром, кои добро знаат кој и кога дава 100 проценти. Во исто време, морам да нагласам и дека организацијата е на највисоко ниво, од плаќање, преку опрема, до водење грижа за сѐ што е поврзано со екипата.
Ти си лидер и тоа роден, а и Гечевски ги има тие карактерни црти. Кој е шефот, нам ни се чини кавадарчанецот.
Чековски: Хахахаха. И јас го слушам Тоше, а тоа јасно кажува кој е шефот. Ние сме добри пријатели и тоа долго време. Се разбираме во сѐ и надвор од теренот, а и во него лесно се договараме. Знаете, имаме доверба и лесно се покриваме во играта, без оглед на тоа дали е тоа во одбраната или во нападот. Од Тоше многу може да се научи, страшно паметен играч, кој како да игра и со грб и со лице на двете страни, тоа веќе е голема предност за мене.
Имаш ли забелешки на ангажирањето на соиграчите? Сме те гледале и погласен и понервозен кога некој си зема поголема слобода.
Чековски: Не кријам, јас на натпревар сум и избувлив и знам да реагирам, што се должи на огромната желба да победиме. Кошарката е пет на пет и ако некој не е влезен комплетно во мечот, сѐ е многу потешко. За мене приоритет е одбраната и тука не прифаќам отстапки, што се однесува до моите грешки, а ги правам, секако, најчесто ги признавам, а забелешките ги прифаќам.
Кои се најконкретните причините за подигнувањето на екипата? Одбраната, нападот или среќата?
Чековски: Сѐ влијае, сѐ си има свое. Сите три елементи се важни за овој наш добар настап, а, можеби, има и четврти. Нѐ потценија, што ни одеше в прилог, а ние тоа го искористивме на најдобар можен начин. Но, факт е дека и добро одигравме во ноември и во декември. Сега сме закана и, веројатно, ќе биде и потешко, но сметам дека ние и натаму растеме и убеден сум дека нема да застанеме.
Дали вие, навистина, сте сега толку самоуверени колку што ни се чини нам на трибини или пред екраните?
Чековски: Веројатно самодовербата ни порасна, така оди тоа во спортот. Кога победувате почнувате да се однесувате, да играте, полесно и подобро. За нас беа многу важни победите со постојаните учесници во Евролигата. Кога победувате со Цибона, Цедевита, Олимпија, ви станува јасно дека вредите, но не смееме да одиме во друга крајност, која се виде во првиот дуел во 2013 година, кога Будуќност во Скопје ни направи 20 разлика во првото полувреме, а кога ние се разбудивме веќе беше доцна. Не смееме да си дозволиме отпуштање, но и никако да не подлегнеме на притисок, двете се опасни за нашите амбиции.
Јас сум за Марин за селектор
Пипан е одличен тренер, но иако е ова тешка дилема, јас сум за Марин Докузовски. Претпоставувам алудирате на селекторското место во првата селекција и според мене тоа е редоследот за избор. Нема да правам нивна персонална дисертација, само ќе речам дека двајцата се многу различни карактери и во водење на екипата, и во однесувањето, и во пристапот, пред и по средбите. Во секој случај, листата за селектор според мене е Марин, па Пипан, вели Чековски.
Која е разликата меѓу Тодоров и Пипан? Кој е моментот што ве направи да бидете толку успешни со Словенецот?
Чековски: Нема голема разлика. Едноставно, кога не оди, секоја промена прави разлика. Пипан има свој тренинг и инсистира да се работи максимално. Во натпреварите играме поцврста и поагресивна одбрана, во нападот концептите се, главно, исти. Има тука и нешто што го нарекуваме склоп на околности, што му одеше в прилог на Словенецот. Токму со неговото доаѓање се рехабилитира Гечевски, а набрзо потоа ги донесовме Оташевиќ и Бакиќ, што резултираше со намалување на загубените топки, кои пред тоа ги имавме премногу. Еве уште нешто што Пипан го спроведе, го смени во нашиот рекет. Јас често чувам петка, а Тоше противничка четворка, што е, исто така, сериозна промена.
Ајде уште една споредба: Марин Докузовски или Алеш Пипан?
Чековски: Пипан е одличен тренер, но иако е ова тешка дилема, јас сум за Марин Докузовски. Претпоставувам алудирате на селекторското место во првата селекција и според мене тоа е редоследот за избор. Нема да правам нивна персонална дисертација, само ќе речам дека двајцата се многу различни карактери и во водење на екипата, и во однесувањето, и во пристапот, пред и по средбите. Во секој случај, листата за селектор според мене е Марин, па Пипан.
Кого гледаш, можеби, и препорачуваш за селектор ако нема договор со овие двајца?
Чековски: Мислам дека и Александар Тодоров може со многу успех да ја води нашата главна селекција. Лага е дека тој нема да може да спроведе дисциплина, напротив, сѐ ќе биде под конец. Дека е Ацо добар и ценет најдобро зборува тоа што веднаш по заминувањето од МЗТ Скопје си најде ангажман. Тој со Марјан Србиновски како помошник би биле сосема добар тандем за нашата репрезентација, особено што тие се во одлични односи со сите што се кандидати за настап на ЕП во Словенија.
Сигурно ли е твоето место во репрезентацијата?
Чековски: Не знам, тоа не е моја работа, нели. Но, и ако бидам повикан, можеби, треба да размислам за настап бидејќи и јас не сум толку млад. Секако, прво нека именуваат селектор, па ќе разговараме, ќе се договориме. Имам тешка сезона, една од потешките во кариерата, семејството е тука, а и подготовките се и долги и напорни.
Некогаш висеше, па не беше на ЕП во Полска. Како го доживеа тој дел од кариерата?
Чековски: Да, пропуштив два квалификациски циклуса и едно Европско првенство во Полска. Тешко ми е да зборувам за тој период, но сите знаат што се случуваше. Стануваше збор за лична нетрпеливост од страна на тогашниот селектор (Јовица Арсиќ з.а), кој, за да биде поинтересно, ми беше тренер и во Черкаси во Украина. И таму ме оставаше на клупа и не ме викна во селекцијата, а кога седнавме да разговараме немаше одговори зошто го прави тоа. И ден денеска не ми е јасно зошто тоа се
одвиваше така.
Колку сме ние кадарни повторно да ја изненадиме европската јавност во Словенија?
Чековски: Ќе нѐ гледаат поинаку, ќе се подготвуваат, ќе нѐ скенираат, а тоа е веќе потешко. Ако нѐ толкуваат како фаворити, ќе имаме многу проблеми, ако си дозволат да нѐ потценат, повторно ќе имаме големи шанси за добар пласман. Нормално, најважно е со кого ќе одиме, во кој состав. Прво да се реши ситуацијата со носителите на играта: Тоше, Антиќ, Илиевски, од што ќе зависи и наоѓање на новиот лидер. Натаму, колку му треба на Меккејлеб да се одмори, зошто видовте колку лошо одигравме во Каракас. На квалификациите за Олимписките игри се покажа дека ние, сепак, немаме многу искуство за такви турнири. Бевме зрели, не бевме исплашени како што велеа, но паднавме кога никако не смеевме.
Ако не одат Гечевски и Антиќ, ти веднаш стануваш носител, стандардна четворка со Самарџиски на петка. Како би функционирало тоа?
Чековски: Да бидам искрен, Перо Антиќ мора да дојде. Ние немаме квалитативна алтернатива за него на таа позиција. И не е само тоа. Тоа е тип што е неопходен и поради амбицијата и мотивот, кои заразно ги пренесува на сите околу него. Ако не дојде ние имаме голем хендикеп и сме послаби, можеби и за цели 50 проценти. Јас, Самарџиски и Николовски нема да можеме да го покриеме тоа.
Добрите игри во МЗТ и членството во селекцијата А те прават интересен за европските клубови, а пред сѐ за балканските клубови. Има ли таков интерес кај тебе?
Чековски: Не, нема покани, а и не сум заинтересиран. Нормално, ако дојде нешто суператрактивно да ме покрене, во ред, но тоа треба да биде екстра зашто јас во МЗТ Скопје се чувствувам одлично и, искрено, ништо не би менувал.
Имаш 33 години, иако никој не би ти дал толку, но размислуваш ли полека за крај на кариерата?
Чековски: Да, сигурно, треба да се размислува иако се надевам дека имам уште сила за игра на највисоко ниво. Ќе пресечам кога ќе ме седнат подолго покрај тренерот зашто јас не сум тип за греење клупа. Кога ќе се случи тоа веднаш се повлекувам и почнувам со размислување што натаму.
Имаш ли визија со што ќе се занимаваш? Се чини дека немаш нерви за тренерска работа.
Чековски: Би сакал да останам во кошарката. Не исклучувам да бидам и тренер, но тоа нема да биде веднаш со прва екипа. Ако се решам да почнам со таа работа ќе тргнам со најмладите категории зашто сѐ треба да има некаков природен тек.
Миленик си на публиката каде и да играш. Може ли тоа да се толкува според девизата – дете од предградието?
Чековски: Главната причина е борбеноста, која, веројатно, сите ја гледаат. Јас не сум атракција да забивам преку човек или да давам по 40 поени, но затоа гинам во секоја средба. Не сум размислувал, можеби има и такво нешто, јас сум од Радишани, а тоа си носи еден начин на однесување, кое, веројатно, е блиско до поширок круг луѓе. Ние од тој дел на главниот град сме такви, впрочем видете ги и ракометарите Борко Ристовски и Филип Миркуловски, нели се исти според пристапот.
На терен, во спортска опрема, изгледаш моќно, но Ѓорѓи Чековски, веројатно, типично за спортист, е многу врзан и крајно емотивен кон семејството.
Чековски: Синчето Марко (кое мирно го проследи целото интервју) е центар на нашето внимание, гледаме да му го посветиме сето слободно време, секој миг. Со сопругата Снеже сме долго заедно, цели 17-18 години и функционираме одлично. Нема што да кријам. Срцето ми е помеко кога сум во кругот на семејството.
Разговараше: Перо Момировски – Р.С.Р.
Фото: Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МЗТ симнат од тронот, Работнички е нов шампион на Македонија!
-
Мекејлеб ја напушта Сарагоса: Причина е смртта на неговата мајка
-
Еуфорично славје во „Јасмин“: Кошаркарите на МЗТ ја прескокнаа оградата и славеа на трибина со навивачите (фото)
-
Фијаско на македонските кошаркарки во Италија, загубија со 60 коша разлика