| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија ќе поднесе апликација за прогласување на Битола за град на филмот на УНЕСКО

Канческа-Милевска го изрази своето задоволство што за релативно кусо време, на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство беа впишани две културни добра од Република Македонија: обичајот Четрсе – Празнување на светите четириесет маченици и машкото соборно оро „Копачката“. Таа го изрази своето уверување дека годинава Комитетот на оваа конвенција ќе ги впише во Листата за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО машкото двогласно пеење „Гласоечко“ и мултинационалната апликација „Мартинки“, во која, покрај Бугарија, Романија и Молдавија, партиципира и Република Македонија

kanceska-milevska

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на работната посета на Париз, во текот на вчерашниот ден оствари средба со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, на која стана збор за досегашната соработка и идните активности меѓу Република Македонија и оваа еминентна организација на Обединетите нации.

На средбата беше подвлечен партнерскиот однос што Република Македонија го негува со УНЕСКО и кој се одликува со поддршка на многубројни иницијативи и реализација на голем број проекти во областа на културата, заштитата на културното наследство, образованието, науката, информатичкото општество и животната средина.

Канческа-Милевска го изрази своето задоволство што за релативно кусо време, на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство беа впишани две културни добра од Република Македонија: обичајот Четрсе – Празнување на светите четириесет маченици и машкото соборно оро „Копачката“. Таа го изрази своето уверување дека годинава Комитетот на оваа конвенција ќе ги впише во Листата за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО машкото двогласно пеење „Гласоечко“ и мултинационалната апликација „Мартинки“, во која, покрај Бугарија, Романија и Молдавија, партиципира и Република Македонија.

Канческа-Милевска посочи дека нашата држава и во иднина ќе продолжи со своите заложби за што поголема заштита и промоција на нематеријалното културно наследство.

Министерката за култура и генералниот директор на УНЕСКО ги разменија своите размислувања и околу претстојната Четврта светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која треба да се реализира наредната година во Република Македонија. Верската конференција, која ја промовираше Република Македонија како лидер на платформата за меѓурелигиски дијалог, соживот и толеранција, досега се реализираше под покровителство на УНЕСКО и во оваа смисла беа истакнати заедничките заложби за продолжување на оваа традиционална конференција со логистичка и финансиска поддршка од УНЕСКО.

На средбата Канческа-Милеска информираше за уште една значајна иницијатива која предвидува Република Македонија да поднесе апликација за прогласување на Битола за град на филмот на УНЕСКО. Оваа титула, чии носители се шест други градови во светот, меѓу кои се и Софија и Брадфорд, ќе придонесе за уште поголема афирмација и промоција на Битола и Република Македонија во меѓународен контекст.

На средбата беше изразено уверувањето дека следната средба меѓу Канческа-Милевска и Бокова ќе се реализира за време на претстојното 38. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО кое ќе се одржи од 3 до 18 ноември 2015 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top