Со многу контрирања, најави за бојкоти, убедувања, барања, конечно, опозицијата реши да излезе на локалните избори што се одржуваат овој викенд. Под притисок на еврокомесарот Штефан Филе, лидерот на СДСМ попушти. Реши да оди на избори. Се среди меѓупартиската криза во македонскиот блок. СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ решија дури и да излезат заедно на избори во Струга и во Кичево. СДСМ ја поддржа кандидатурата на актуелниот градоначалник на Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотоски – Ташко, како и кандидатурата на Владо Кочоски за Струга. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги поддржа советничките листи на СДСМ. Чиниш идила меѓу власта и опозицијата. Но овие „идилични“ односи се само површински. Истото се случува и со ДУИ и со ДПА. Мендух Тачи реши да го поддржи кандидатот на Али Ахмети, Фатмир Дехари, човекот што зборува за „Албанија за која сите сонуваат“. Кој ќе победи во Кичево? Што ќе се случува на денот на изборите? Што ќе се случува по изборите? Кичево, па и Струга, дефинитивно, ќе ги подгреат меѓуетничките тензии.
Една од кризите што се очекува по изборите е токму мултиетничката. Се подготвува масовно, организирано доаѓање на изборите, или масовно гласање. Ќе има ли, навистина, чартер-летови, 200 автобуси… Или ќе има 50 автобуси, кои ќе донесат 300 гласачи, кои своето право на глас ќе го остварат на повеќе гласачки места. Се претпоставува дека секој од тие 300 албански гласачи ќе се појави на неколку изборни места, со што се добиваат најмалку 2.000 гласови. Според информации на „Република“, македонските Албанци што не се во можност да дојдат во земјата в недела и да го остварат своето право на глас, им ги даваат своите лични карти на тие што пристигнуваат во Македонија за да го остварат и нивното право на глас. Или, со други зборови, секој од тие 300 албански гласачи што ќе пристигнат од Америка, Германија, Швајцарија… ќе пристигнат со неколку лични карти. Затоа и се очекува зголемена контрола, односно владејачката партија на овие места ќе постави посериозни набљудувачи, министри, директори, пратеници, кои нема да се плашат да се спротивстават на ваквиот начин на гласање. Тоа што ќе биде пресудно во Кичево се гласовите на Турците и на Ромите. Ги има околу 3.500 Турци со право на глас. Доколку Албанците ги придобијат нивните гласови, ја добиле битката за Кичево.
Горан Трпеноски, уредник во „Вест“, очекува во Кичево изборите да ги добие македонскиот кандидат. Вели, таму се можни инциденти доколку се оствари неговата прогноза, Македонец да биде градоначалник, но не инциденти од пошироки размери. Тој во Струга не очекува никакви инциденти. Смета дека таму е потешко Македонец да ги добие изборите, но очекува втор круг. Вели советот ќе го освојат Македонците, со што ќе се направи соработка меѓу двете страни за развој на градот, особено по „злосторството, кое Рамиз Мерко го извршил врз градот“.
Зоран Димитровски, главниот уредник на „Нова Македонија“, смета дека оваа криза е вештачки надувана. Тој смета дека кризата што се создаде со локалните избори нема капацитет за дестабилизација.
– Албанскиот радикал, кој ветува Голема Албанија и повикува на поврзување на сите места каде што ќе има градоначалник Албанец, не може да ја прошири меѓуетничката криза. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе бидат задолжени да ја менаџираат кризата доколку постои – коментира тој.
Трпеновски потсетува дека Македонците го направиле првиот чекор за граѓански избор гласајќи за Имер Селмани за претседател на Македонија во 2009 година. Тогаш Селмани успеа да добие околу 150.000 гласови, од кои респектабилен процент беа од избирачки места во кои не е застапена албанската заедница.
– Тој кредит Албанците го загубија. Али Ахмети прв постави албанско знаме во Кичево, најави авиони со гласачи… Што очекуваа? Дека некој ќе седи со скрстени раце – коментира Трпеновски.
Целиот текст е објавен во најновиот број на неделникот Република, кој од денес е на продажните места
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.