| четврток, 6 декември 2018 |

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан: Немоќна е длабоката духовна темнина што го покрива современиот свет

Во велигденското послание на поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан, тој на сите верници од христијанска православна вероисповед им го честиташе најголемиот празник Велигден - празникот на радоста, љубовта и слогата, но не заборави да потсети за длабоката духовна темнина што го покрива современиот свет

veligden soboren 03 (Custom)

Во велигденското послание на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, тој на сите верници од христијанска православна вероисповед им го честиташе најголемиот празник Велигден – празникот на радоста, љубовта и слогата, но не заборави да потсети за длабоката духовна темнина што го покрива современиот свет.

– Денес е радост и духовна веселба за целиот свет. Денес хорот на ангелските чинови се радува и се весели заради спасението на луѓето. Возљубени празникољупци, Пред изгревот на незаодливата светлина на Воскреснатиот Господ, немоќна е длабоката духовна темнина што го покрива современиот свет. Таа воскресенска светлина го осветлува и осмислува нашето секојдневие, разбрането од многуте искушенија. Со болскотот на Христовото Воскресение, се озари сета вселена и се исполни со небесна светлина, која ја растерува темнината на заблудата и незнаењето, а на човекот му дава можност да Го познае и возљуби својот Создател. Нашата вера е вера во воскресението и нашата Црква е Црква на воскресението! Но не само поради тоа што свечено го прославува Велигден како празник, туку затоа што во неа пребива несоздадената светлина на Воскреснатиот Богочовек. Господ Исус Христос, Кој со воплотувањето, страдањето и со воскресението ги соедини небесата и земјата, ни укажа дека тој пат не можеме да го изодиме исполнети со нељубов, омраза и неслога, туку само со вера во воскресението, која треба да биде потврдена и преку нашата искрена меѓусебна љубов – рече г.г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ-ОА говореше и за празнувањето на Велигден и дали тој начин е правилен.

– Но дали празнувањето е соодветно на нашите постапки и дали ние со своите дела покажуваме дека сме го одбрале животот и дека живееме богоугодно!? Вечниот живот е во познанието на вистинскиот Бог (сп. Јн. 17, 3), во живеењето според законите Божји, зашто суштината на сè е да се боиме од Бога и да ги исполнуваме Неговите заповеди, а сето тоа е спасоносно за нас луѓето (сп. Проп. 12, 13). До такво богопознание не може да се дојде без претходно себепознание, коешто е една од најголемите добродетели. Па затоа, да погледнеме подлабоко во своето срце и да се потрудиме да го очистиме од секоја трага на себељубие, коешто упорно се обидува да нè врати под власта на гревот и на смртта. Но за да постигнеме единство со Бога, неопходно е да вложиме напор за зацврстување и унапредување на нашето меѓусебно единство. Колку е убаво кога браќата живеат сложно, истакнал уште царот Давид (Пс. 132, 1). Разединети и отуѓени, го затвораме нашето срце за Божјата љубов и се оддалечуваме, и меѓусебно и од Бога. Сите денешни неволји, маки и проблеми во животот, за нас како поединци и како семејства, и во општеството во кое живееме, па и во целиот свет, настануваат кога лицемерно се однесуваме и не дозволуваме во нашите срца да царува љубовта на Воскреснатиот Христос. Излезот е во одрекување од зломислието и себичните намери во односот кон ближниот. Доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе, советува апостолот Павле. Само со искрено човекољубие, ќе можеме да градиме вистински пат кон единство, пат кој сигурно и безбедно ќе нè одведе во радоста на вечниот живот.

Возљубени чеда во Господа, Современиот свет е надвладеан од себељубието, отуѓеноста и оддалеченоста, што силно влијае врз сите аспекти на човековото живеење. Затоа е потребно да застанеме цврсто во одбрана на нашето вековно христијанско предание, оставено како аманет од нашите предци. Не смееме да дозволиме денес, во време на слобода и културен и научен напредок, други вредности да го поткопаат она што нашите постари во ропство и немаштија со векови го негувале и зачувале. Тие вредности, пак, извираат од новиот живот што ни го подари Воскреснатиот Господ. Љубовта, кон која сме повикани да се стремиме, е незамислива без подготвеноста на жртва за ближниот. Без жртва и себеодрекувања, не постои ниту богољубие, ниту човекољубие! И да не ги бараме само своите права, туку, најнапред, да ја бараме Божјата правда – преку грижата за ближните. И секој христијанин, живеејќи во Црквата и учествувајќи во Светите тајни и во подвигот на љубовта, ја надминува смртта и уште отсега, уште овде, почнува да го живее воскресението. И во име на таа богодарувана вистина, пред 70 години, во Скопје, учесниците на Првиот црковно­народен собор, како претставници на свештенството и верниот народ, побараа да воскресне и да продолжи да живее древната Охридска архиепископија како Македонска православна црква. И, со Божја помош, еве, така и би! – вели г.г. Стефан.

– Возљубени чеда на Мајката Македонска православна црква, Радосната вест за Христовото Воскресение влева силна надеж: штом е победен најголемиот непријател – смртта, тогаш можат да бидат надминати и сите меѓусебни судири и недоразбирања. Воскреснатиот Господ постојано укрепува и подигнува, а особено кога ќе се појават тешки и пресудни предизвици. Оттаму, животот добива смисла само преку делата на љубовта и верата во воскресението. Честитајќи ви го Празникот над празниците, и вам во Република Македонија и на Македонците раселени по светот, молитвено посакуваме сите да се удостоиме да живееме во радоста на Воскреснатиот Господ, и секојдневно во нашиот живот да преминуваме од грев кон добродетел, од безизлез во надеж, од смрт во живот!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top