| четврток, 6 декември 2018 |

Танески: Очекувам дополнително сценарио ако надворешните центри на моќ не успеат да ја променат власта на овој начин

 

nenad taneski

 

Политичката криза во Македонија повеќе од јасно е поврзана со надворешни центри на моќ, можеби и нечии бизнис интереси, не отфрлам дека можеби стои и конкретна држава, но она што е најверојатно е дека организаторот и финансиерот е надворешен фактор. Очекувам дополнително сценарио ако примарното помине неуспешно, се во насока на промена на власта, вели универзитетскиот професор Ненад Танески во интервју за „Република“.

Професорот, доктор по науки за безбедност, нагласува дека политичката криза во државата не можеме да ја гледаме како изолиран случај кој нема врска со меѓународните случувања, и изразува верување дека сето ова што се случува во Македонија има поврзаност со најавите за изградбата на гасоводот „Турски тек“. Танески предвидува дека бранувања и притисоци од центрите на моќ ќе има се додека во Македонија на власт се партии и поединци кој нема да потклекнат на нивните барања и интереси, а според неговите очекувања големата игра во која сме вмешани без наша вина треба да финализира околу 2018 година.

Како професор кој се занимава со безбедносни прашања по два месеци од почетокот на политичката криза во Македонија предизвикана со аферите Пуч и бомбите на Заев, како ги цените настаните и што можеме да очекуваме во блиска иднина?

ТАНЕСКИ: Прашањето ви е навидум едноставно, но е многу комплексно. Внатрешната безбедност и меѓународната безбедност се однесуваат скоро секогаш како врзани садови. Но, прво да почнеме со нашата приказна.

По два месеци од почетокот на кризата работите тапкаат во место. Имаше предвидувања дека ќе биде само прашање на денови кога владата ќе падне, потоа, дека под меѓународниот притисок ќе се изнуди техничка влада и многу други анализи. Но реалноста е следна. Досегашните искуства низ историјата (блиска и далечна) покажале дека, за да се исполнат желбите на опозицијата треба или владата сама да си поднесе оставка, што јас ценам дека нема да се случи, или Собранието (мнозинството пратеници) да гласа недоверба и да се самораспушти, што повторно ценам дека нема да се случи, или да видиме навистина сериозен меѓународен притисок (нешто налик на оној од 2002 година), а таков притисок не гледаме или како последна опција да се случи народ. Првите две опции не се остварливи во ниту една варијанта, третата исто така не е остварлива, бидејќи на меѓународна сцена се случуваат многу посериозни прашања кои ќе ги објаснам понатаму, а токму тие случувања го оспоруваат легитимитетот за сериозно вмешување на ЕУ или евентално САД во нашава внатрешна криза. Последната опција нема да се случи од засега објективни причини. Народот излегува на улица во моментот кога нема што да изгуби, кога е стомакот празен, кога имотот е безвреден, нема што да се чува, па тогаш гневот се истура врз власта. Во периодов како што гледаме владата вработува, платите беа покачени,кооперативност се покажа во однос на студентите и професорите, и сега да не ги редам сите конструктивни чекори на власта, но заклучокот е дека народ на улица нема да видиме што би значело дека политичката криза ќе трае се додека не започне правната разрешница. Односно ќе слушнеме се што опозицијата ни подготвила за периодот 2011 до 2013, потоа ќе дојдат летните одмори, потоа интересот ќе почне да опаѓа, а правната разрешница ќе се најде во центарот на вниманието.

Но ако ги следите случувањата од соседството или поточно од државите опфатени со трасата низ која ќе поминува „Турскиот ток“ тогаш треба малку да се замислиме, дали само ова е сценариото кое ни е сервирано или постои и резервно.

 

Велите дека се случува многу поголема игра во регионот која не се гледа доволно јасно од „димот“ на „бомбите“на Заев?

ТАНЕСКИ: За да бидам појасен, во овој период од два месеци веројатно ги следите внатрешните проблеми со кои се соочи Турција. Во февруари афера за прислушување, потоа внатрешни нереди, па убиството на јавниот обвинител. Истовремено, Турција ги зајакнува партнерските односи со Русија, а од деновиве и со Иран. Понатаму, Грција по победата на Ципрас и Сириза, интересно, се соочи со протести, иако не беа масовни, но сепак се случија зачудувачки брзо по изборите. Еве и вчера додека Ципрас и Путин имаа историска средба во Москва, повторно демонстрации во Атина. Не можеме веднаш да не поврземе дека и Грција е дел од трасата на „Турски ток“. Третата земја која беше на преговори во Будимпешта за овој гасовод е Србија. Во Србија се уште нема демонстрации и сериозни внатрешни политички проблеми, но ако ги следите нивните медиуми ќе видите дека некои од нив веќе ја загреваат атмосферата. Исто така многу е чудна приказната со лекувањето на Шешељ во домашни услови за набрзо потоа пак да се побара од Владата на Вучиќ да го испорача назад во Хаг. Што и да одлучи Вучиќ ќе си има проблем. Ако не го предаде веројатно Србија повторно ќе биде во изолација, ако го предаде, ќе ризикува да им се случи народ. Значи кај нив политичка криза престои. И на крај, колку и да сакаме да се гледаме како изолиран случај во кој внатрешната политичка криза нема никаква врска со меѓународните случувања едноставно не можеме.

Притисокот е очигледен, но Путин игра подобро шах од Обама, а морковот и стапот некако не успеваат со партиите и лидерите кои се на власт во овие држави, па стратегијата е да се заменат со поповолни или покооперативни. Пред кризата во Украина, „Турски тек“ беше недостижен и нерален. Но, по избувнување на украинската криза, дури и престижниот Стратфорд излезе со анализа дека „Турски ток“ за Русија има многу повеќе смисла отколку „Јужен тек“ и дека воскреснување на „Јужен тек“ не треба да се очекува. Дали Русија и понатаму ќе одлучи да се ослонува само на гасоводот преку Украина или ќе го изгради „Турски тек“ како алтернатива, може да се постави како прашање. Но, според однесувањето на Путин и активностите кои ги презема, може да се заклучи дека Русија е сериозна во намерите за изградба на алтернативен гасовод на украинскиот. Повторно станува збор за шаховска игра. Со стопирање на гасот преку Украина ги ускратува сите европски држави од овој енергенс, но ако има алтернатива тогаш може да се случи одредени држави од ЕУ да водат една политика кон Русија, а други друга, во зависност од моментални политички гарнитури и национални интереси кои секако се пред супранационалните на ЕУ. Оваа алтернатива ќе создаде нови пореметувања за внатрешните политики на ЕУ.

 

Може ли во таа насока да се толкува и изјавата на Кери дека „Македонија е на линија на огнот“?

 ТАНЕСКИ: Во изјавата на Кери во првиот дел се спомнуваат Србија, Македонија, Косово и Црна Гора, кои според него се наоѓаат на линија на огнот меѓу Вашингтон и Москва, или попрецизно објаснето, овие држави не се дел од НАТО алијансата, па со самото тоа има отворен простор за влијание на Русија во срцето на ЕУ. Односно, додека играта се води околу Украина, Кери потсетува дека слабата точка на трансатлантските сојузници е токму регионот кој не е во НАТО. Но, мислам дека таа изјава е дадена како застрашување за можни сценарија поготвени од страна на Русија, отколку што е реалниот интерес на Русија за дестабилизација на овој регион. Всушност, вистината е обратна, возможната соработка на Русија со овие четири држави (врз кои немаат влијание строгите европски закони) се гледа како закана за западноевропските интереси.

 

Сметате дека „бомбите“ се дел сценарио со кое треба да се саботира рускиот мега проект „Турски тек“?

 ТАНЕСКИ: Тоа веќе го објаснив погоре. Но ајде уште еднаш. Се она што се случува во државите кои се дел од трасата на „Турски тек“, се случува откако следеше официјалната најава на Москва за откажување од плановите за „Јужен тек“ и најава за изградна на „Турски тек“. Најавата не значи автоматски и почеток на изградба на гасоводот. Напротив, до последната фаза од донесување на конечна одлука веројатно ќе следат дополнителни притисоци врз транзит државите, а од владите на државите, како и од политичките ситуации ќе зависи конечниот исход. Со други зборови да, верувам дека постои поврзаност меѓу политичката криза во Македонија и најавениот проект. Верувам дури и дека некој уште по првата „бомба“ очекуваше или се надеваше дека на владата ќе и се случи народ.

За да им стане појасно на вашите читатели зошто западноевропските сојузници имаа прво проблем со „Јужен тек“ (кога и се закануваа на Бугарија да не влегува во договори со Русија), а сега и со „Турски тек“, треба да се земе во предвид дека Русија најмногу живее од гасот, кој и го продава на Европа, а патот засега води само преку Украина. Значи Русија ако сака да продава гас тоа може да го прави само преку оваа држава. Но, алтернативниот гасовод отвара нови можности за Русија во големата игра.

 

Дали сценариото што се спроведува кај нас е некаква шема која се повторува во многу земји во светот и може ли од начинот на кој се дејствува да се процени кој стои зад тоа?

 ТАНЕСКИ: Прво во неолибералниот капитализам се се врти околу парите, околу бизнис интересите. И нормално таму каде што се парите, таму е моќта. Во овој случај јас не би сакал да покажам со прст кој е виновникот, но дека станува збор за центри на моќ тоа е повеќе од јасно. Прочитајте ја книгата или погледнете го документарецот на Наоми Клајн за шок доктрината и можеби повеќе работи ќе се разјаснат.

 

Повеќе од два месеци јавноста нагаѓа која тајна служба стои зад прислушување. Премиерот вети дека случајот ќе се води транспратентно и целата вистина ќе се дознае. Сепак, од досегашните информации кои имавме можност да ги видиме и чуеме, можеме ли да предвидиме што е поопасно, да се дознае или да остане вечна мистерија името на службата која стои зад аферата?  

 ТАНЕСКИ: Верувам дека целата вистина ќе се дознае и треба да се дознае, но истовремено немора да значи дека вистината за незаконски снимените материјали е директно поврзана со тајна служба на конкретна држава. Сигурен сум дека е директно поврзана со надворешни центри на моќ, можеби и нечии бизнис интереси, не отфрлам дека можеби стои и конкретна држава, но она што е најверојатно е дека организаторот и финансиерот е надворешен фактор. Македонските државјани споменати во целата афера се само врбувани пред се за материјална корист или други придобивки. Ако излезе дека целата оваа организација, со следење на странски државјани, вадење листинзи за влез и излез од државава, следење пораки и останатите презентирани податоци дека се дело само на Верушевски и негови двајца тројца соработни навистина ќе бидам изненаден.

 

Можете ли како професор по безбедност да процените во која фаза од реализацијата е сценариото?

ТАНЕСКИ:  Веројатно не чека долг период на политичка нестабилост. Дај Боже да не сум во право, но мое мислење е дека дури и кога ќе започне правната разрешница на целиот случај Пуч и ќе влеземе во еден релативно поконструктивен период, ќе се појават нови проблеми. Дефинитивно, се додека во Македонија на власт се партии и поединци кои нема да потклекнат под притисоците на центрите на моќ бранувања ќе има, а Македонија е на раскрсницата на сложувалката. Како што засега стојат работите, големата игра во која без наша вина и ние сме дел, би требало да се финализира околу 2018 година. Тогаш веќе се ќе биде појасно.

 

Кои се реалните опасности за Македонија ако успее сценариото?

ТАНЕСКИ: Најголемата опасност е да не се најдеме на трасата на „Турски тек“. Се друго е минлива работа. Но, дали ќе останеме дел од „Турски тек“ и каков крај ке имаа таа приказна прерано е да се предвидува. Сепак, можам со сигурност да кажам дека „Турски тек“ за Македонија ќе донесе огромни придобивки. Ако оваа алтернатива се оствари Грција, Македонија и Србија веднаш ќе станат атрактивни за странски инвеститори кои освен евтина работна сила, ќе добијат и евтина енергија, а со тоа цената на чинење на финалниот производ веднаш се смалува. Па би можело да се очекува дислокација на производните капацитети од Чешка, Словачка, Полска во регионов каде работната сила е напола поевтина.

Да заклучам, додека ние сме фокусирани на тоа кој што рекол пред две години, на меѓународна сцена се пишува нова историја. Некои велат дека ќе влеземе во нови биполарни односи или нова студена војна, но токму турскиот тек е алтернативата на Путин која ќе го стави во многу поповолна позиција за стекнување на партнерски земји и од јадрото на Европската Унија. Или со други зборови кажано, Путин игра на картата разбивање на традиционалниот сојузник (сојузници) на САД, а државите од балканскиот регион се само пиончињата во играта. Бидејки и за едната и за другата страна сме само мал дел од игратата ние би требало да се водиме од нашиот интерес и така да ја одбереме страна.

 

Може ли да ни се повтори 2001-ва? Можно ли е безбедносните служби уште еднаш да направат погрешна проценка на состојбите во државата и да не успеат на време да ги детектираат заканите?

ТАНЕСКИ:  Лично не очекувам нов меѓуетнички конфликт. Се надевам дека од таа гледна точка  созреавме и дека етнички конфликти се веќе позади нас. Но, можно е некој да си поигра на картата на тероризам, исламски радикализам или слична закана, која овој пат се надевам нема да биде протолкувана како етнички конфликт. Еве поконкретно, се плашам дека е можно во сред правна разрешница да ни се случи терористички напад врз македонските судови или појава на некоја друга асиметрична закана кој ќе го загрози ситемот на државата. Со други зборови јас очекувам дополнително сценарио ако примарното помине неуспешно, се во насока на промена на власта. Целта нема да биде конфликт во кој повторно ќе треба да се вмешуваат надворешни олеснувачи за да се смири ситуацијата, туку веројатно само притисок за промена на власта и поставување на нови „попослушни“ лидери по нечија туѓа мерка.

Денес македонските безбедносни служби по својата стручност и подготвеност представуваат лидер во регионот. Меѓутоа врз основа на последните случувања, од страна на македонските разузнавачко-безбедносни служби итно е потребно е да се направи нова безбедносна проценка за состојбата во Република Македонија, која ќе ги идентификува овие закани, нивниот состав, поврзаност, програма и платформа на дејствување, материјална опременост, облиците и методите на дејствување, нивното организирање и групирање. Успехот во нивно сузбивање најмногу ќе зависи од расчистување на нивните мрежни структури кои очигледно се вклинети во структурите на системот на државата.

 

Можеме ли во битката на големите сили која се води во нашиот двор да останеме неутрални или неизбежно е да фатиме страна? Кој е вистинскиот избор за нас?

ТАНЕСКИ:  Иако секогаш си мислиме дека ништо не зависи од нас, всушност јас мислам дека вистината е малку поразлична. Во одредени историски етапи изборот кој го правеле малите актери можеби не доведувале до огромни помесувања, но нивниот избор бил основа за патот кој понатаму си го трасирале. И додека опозиционите гласноговорници повикуваат секој да фаќа страна, зошто така дошло времето, јас мислам дека многу побитна е страната што ќе ја фатиме ама во меѓународната политика, а не во домашната.

Разговараше: Ненад Мирчевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top