| четврток, 6 декември 2018 |

Турски тек ќе поминува низ Бугарија

Бугарија е во игра да стане алката меѓу Истокот и Европа за гасоводот “Турски тек”. Оваа информација протече по средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Путин изјави дека нема ништо против рускиот гас, наменет за Европа, да минува преку Бугарија. Тој вели дека за овој предлог го известил и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Министерката за енергетика на Бугарија, Теменужка Петкова, вели дека понудата Бугарија да биде дел од “Турскиот тек” е јасна и сериозна. Нагласи дека во текот на следните месеци ќе се интензивираат преговорите на оваа тема со цел постигнување договор. Петкова нагласи дека овој пат нема да се случат грешките што беа кобни за реализација на “Јужен поток”. Тој проект пропадна поради тоа што не беше во согласност со правилата на Европската Унија.

Во таа насока, бугарската министерка за енергетика изјави дека концептот за дистрибуција на гас преку територијата на Бугарија е проект на што се работи заедно со Европската комисија.

“Турскиот тек” треба да спроведува руски гас преку дното на Црно Море и северозападна Турција. Оттаму се предвидува копнена траса преку Балканот до Европа. Дел од количеството гас секако ќе биде наменето за тргување. А тоа остава можност и Македонија на индиректен начин да има полза од “Турскиот тек” доколку тој поминува низ некоја од нашите соседни земји.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top