| четврток, 6 декември 2018 |

Со искуствата од Словенија АРМ ќе го штити воздушниот простор над Македонија

арм

 Армијата на Република Македонија да преземе дел од словенечките искуства за заштита на воздушниот простор и организирање на противвоздушната одбрана над територијата на Република Македонија, како што е регулирано во Република Словенија.

За ова прашање разговарале денеска началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески и началникот на ГШ генерал мајор Андреј Остерман, кој ја предводи делегацијата на Вооружените сили на Република Словенија која е во дводневна посета на Република Македонија.

– Разговаравме и за организирање заеднички вежби меѓу армиите на Македонија и на Словенија на полигонот Криволак, а ќе се поканат и земји членки на НАТО да се приклучат на оваа иницијатива. Тоа истовремено ќе значи и промоција на полигонот Криволак кој има посебни карактеристики особено во користење и гаѓање со оружје за противвоздушна одбрана, артилериски орудија од поголем домет – изјави по средбата началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Котески.

На средбата Котески и Остерман разговарале и за воената соработка, размената на искуства од учеството во меѓународните мировни операции предводени од НАТО, ОН и од ЕУ.

Заеднички заклучиле дека воената соработка меѓу двете армии е одлична и има одредени показатели, како што нагласија, за понатамошно унапредување.

Котески изрази и благодарност за континуираната и цврста поддршка од Република Словенија за АРМ и на патот на Република Македонија за членство во НАТО, а началникот на ГШ генерал мајор Андреј Остерман изрази надеж дека ќе продолжи и понатаму досегашната исклучително добра соработка.

Како што е најавено, делегација на Вооружените сили на Република Словенија предводена од началникот на ГШ генерал мајор Андреј Остерман, која беше пречекана со високи воени почести,  ќе се сретне и со министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Началникот на ВС на Словенија ќе има можност да го посети и Центарот за обука на пилоти каде ќе биде запознаен со капацитетите и можностите за обука.

Билатералната соработка меѓу македонската Армија и Вооружените сили на Словенија се одвива на повеќе полиња како што се образованието, обуката, вежбите, воената логистика и друго. Во периодот од 2009 до 2013 година на армискиот полигон „Криволак“ беше изведена билатералната воена вежба „Предизвик“ на која припадниците на двете армии демонстрираа висок степен на обученост и извежбаност во гаѓање на цели во воздушен простор со ракетниот систем ,,ИГЛА“. Изминатите години, офицери на АРМ се школуваа во високите воено-образовни институции во Словенија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top