| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Македонската филхармонија за затворање на „Денови на македонската музика“

Под диригентската палка на маестро Жолт Наѓ од Унгарија, Македонската филхармонија вечерва во Домот на АРМ на затворањето на манифестацијата „Денови на македонска музика“ ќе изведе три светски премиери на оркестарски дела од македонски автори: Danzacalle за оркестар на Мирослав Спасов, „Магијата на пештерите Карчнер“ за симфониски оркестар на Вања Николовски-Ѓумар и Кончерто гросо за удиралки и два гудачки оркестри на Томислав Зографски.

На почеток на свеченоста ќе бидат врачени и традиционалните награди на СОКОМ. Добитник на наградата „Трајко Прокопиев“, која СОКОМ ја доделува за животно дело, е композиторот Томе Манчев.

Признанието „Панче Пешев“ за најдобро изведено или публикувано дело од македонски автор во претходната година оди во рацете на музикологот Тина Иванова за монографијата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“.

Наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на македонско дело на минатото фестивалско издание им припадна на дуото Кировски и на Freiburg Percussion Ensemble од Германија.

Покрај тоа, СОКОМ ќе ги промовира во свои почесни членови маестро Фимчо Муратовски – диригент и музички педагог во пензија, Милка Ефтимова – мецосопран и музички педагог во пензија и Јасминка Чакар – пијанист и музички педагог во пензија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top