Пролетниот Моден викенд во Скопје заврши во неделата, а првпат беа презентирани моделите на една од најталентираните млади српски дизајнерки, Јована Марковиќ, која, освен во Србија, своите креации ги продава и во Велика Британија и во Москва. „Република“ разговараше со Марковиќ пред гостувањето во Скопје.
Дали првпат доаѓате во Македонија и гостувате на Модниот викенд во Скопје? Што ќе ѝ понудите на македонската публика?
МАРКОВИЌ: Ова ми е прва посета на Македонија и многу се радувам што поводот е гостувањето на Модниот викенд во Скопје. Се надевам дека на публиката ќе ѝ се допадне мојата нова колекција за зима 2016 година.
Дали сте запознаени со работата на некои македонски дизајнери?
МАРКОВИЌ: За жал, не сум многу запознаена со македонската модна сцена. Ќе ми биде многу драго овој пат да ја видам работата на македонските дизајнери и се надевам дека ќе се запознаам со некои од нив.
Кое парче облека е најкарактеристично за Вашиот дизајн?
МАРКОВИЌ: Немам одредено парче облека што ја опишува мојата работа со еден збор. Може да се каже дека сите мои колекции ги поврзува една чиста и суптилна архитектонска форма, комбинација од материјали, како и игра со проѕирноста.
Кои други области од уметноста Ве инспирираат?
МАРКОВИЌ: Секогаш наоѓам инспирација во уметноста, без разлика дали е тоа филм, музика или сликарство.
Каде се гледате себеси во иднината?
МАРКОВИЌ: Секогаш ќе тежнеам кон најголемиот успех, но ќе видиме што ќе донесе иднината.
Освен во Белград, Вашите колекции се продаваат и во Велика Британија и во Москва. Колку сте задоволни и дали планирате да го проширите пазарот?
МАРКОВИЌ: Мојата гардероба е достапна во светот благодарение на интернет-порталот „Нот џаст а лебл“ (Not Just A Label). Моментно подготвувам големо шоу во Виченца, Италија, кое треба да се случи во мај. Исто така, имам планови своите колекции да ги префрлам во изложбените салони низ светот.
фото: Дими и Ани
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.