| четврток, 6 декември 2018 |

Презентирани можностите за инвестирање во Македонија на Евроазискиот самит

ivanov

Можностите за водење бизнис што им ги нуди Македонија на странските инвеститори беа презентирани во Истанбул во рамки на 18. Евроазиски економски самит на Фондацијата „Мармара“.

На иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов, кој присуствува на самитот, се одржа сесија на која присуствуваа повеќе од 100 компании од градежништвото, енергетиката, здравството, земјоделството, транспортот и логистиката.

Претседателот Иванов ги запозна бизнисмените со поволниот инвестициски амбиент во Македонија, со состојбите во македонската економија, како и со оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.

– Повеќе странски инвеститори веќе ја препознаа поволната бизнис клима во Македонија. Затоа ве повикувам да ја посетите Република Македонија, да се запознаете со позитивното искуство на веќе присутните компании и сами да се уверите дека Македонија нуди големи можности за ширење на вашиот бизнис – истакна Иванов.

Покрај македонскиот претседател, на сесијата се обратија и министрите за странски инвестиции Џери Наумоф и Фуркан Чако, кои се осврнаа на поволностите што ги имаат странските инвеститори, а беше истакната и отвореноста на Македонија за влез на нови инвестиции.
– Имавме можност да се видиме со постојните инвеститори, но и со новите заинтересирани сериозни инвеститори, кои сакаат да вложат надвор од Република Турција. Сакам да истакнам дека турските стопанственици се најмногу заинтересирани во делот на енергетскиот сектор, земјоделството и во делот на градежништвото – изјави министерот Фуркан Чако.

Претседателот на Управниот одбор на компанијата „Чемлак“, која произведува земјоделски машини, најави можност за инвестирање во Македонија.

– Во 2008 година почнав да извезувам во Република Македонија и поради тоа, добив можност да комуницирам со македонскиот народ. Потоа купив и земјиште од 36.000 метри квадратни и планирам моето производство да го префрлам во Македонија. Ја гледам Македонија како моја втора земја – изјави Иса Тамер Челик, претседател на Управниот одбор на „Челмак“.

Денеска претседателот Иванов ќе се обрати на сесијата на претседатели на тема „Патот до мирот: Каде оди хуманоста?”. Според агендата предвидено е да оствари средба и со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top