| четврток, 6 декември 2018 |

Утре вечер свечено се затвораат „Денови на македонска музика“

 Утре вечер (четврток, 9 април), во 20 часот, во Дом на АРМ, со концертот на Македонската филхармонија, свечено ќе бидат затворени 38. Денови на македонска музика. Под диригентската палка на маестро Жолт Наѓ од Унгарија, оркестарот ќе изведе три светски премиери на оркестарски дела од македонски автори: „Данцкале“ (Danzacalle) за оркестар на Мирослав Спасов, „Магијата на пештерите Карчнер“ за симфониски оркестар на Вања Николовски-Ѓумар и Кончерто гросо за удиралки и два гудачки оркестри на Томислав Зографски.

На почеток на свеченоста ќе бидат врачени и традиционалните награди на СОКОМ.

 Добитник на наградата „Трајко Прокопиев“ која СОКОМ ја доделува за животно дело е композиторот Томе Манчев. „Томе Манчев и еден од најистакнатите македонски композитори чие што творечко созревање се случуваше во последните децении од минатиот век, а својот зенит го достигна во изминатите петнаесетина години. Благодарение на школувањето кај видни професори во Македонија и во странство многу брзо успеа да се фати во костец со најсложените музички форми (оркестарски, вокално инструментални итн.) и да создаде маркантен опус кој се препознава по исклучителното познавање на можностите на сите инструменти, по раскошната оркестрација и по нивното ставање во служба на остварување на јасните музички намери. Од нив, пак, секогаш блика силна експресија, многу често поттикната од македонската музичка традиција како и од начинот на доживувањето на делови од поновата македонска историја. Творештвото на Манчев му припаѓа на повеќето музички жанри и значи голем придонес за вкупната македонска музичка култура“, се вели во соопштението на комисијата.

 Признанието „Панче Пешев“ за најдобро изведено или публикувано дело од македонски автор во претходната година оваа година оди во рацете на музикологот Тина Иванова за монографијата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“. „Комисијата и ја доделува наградата на Тина Иванова заради нејзиниот драгоцен придонес во збогатувањето на музиколошката литература посветена на најистакнатите претставници на македонската композиторска школа и  музичка педагогија. Поводот за пишувањето на монографијата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“ е минатогодишното одбележување на јубилејот – 80 години од раѓањето и 20 години од смртта на Михајло Николовски (1934-1994). Публикацијата го опфаќа животот и целокупното творештво на композиоторот, со акцент на неколку негови најзначајни дела, а за „скицирање“ на неговото професионално и животно патешествие, авторката вложила голем труд користејќи ги сите материјали кои што ги нашла во архивата, и остварила средби со неговите современици, неговите колеги, со пријателите и се разбира, со семејството – неговата сопруга и неговите двајца синови, денес познати и признати музички уметници“, е наведено во соопштението на комисијата.

 Наградата „Георги Божиков“ која СОКОМ ја доделува за најдобра изведба на македонско дело на минатото фестивалско издание им припадна на Дуото Кировски и на Freiburg Percussion Ensemble од Германија.  „Наградата му се доделува на Ансамблот перкусионистиа од Фрајбург за успешни и квалитетни изведби на дела од македонското современо творештво во земјава од композиторите Мирослав Спасов, Панде Шахов, Александар Пејовски, Дарија Андовска, Андреј Королиов, Мајкл Бакрнчев и нивна промоција во Европа и пошироко. Комисијата ја доделува наградата „Георги Божиков“  на Дуото Маја и Љубиша Кировски, за успешни и квалитетни изведби на дела од македонското современо творештво во земјава и странство, од композиторите Димитрије Бужаровски, Тома Манчев, Елизабета Илиевска, како и перманентна заложба за промовирање и поттикнување на македонското музичко творештво“, се вели во образложението на комисијата.

 На свеченото затворање на манифестацијатa СОКОМ ќе промовира тројца истакнати македонски музички уметници, доајени на македонската музичка култура, во свои почесни членови. Тоа се маестро Фимчо Муратовски – диригент и музички педагог во пензија, Милка Ефтимова – мецосопран и музички педагог во пензија и Јасминка Чакар – пијанист и музички педагог во пензија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top