Поради снег на планинскиот премин Стража е воведена забрана за движење за тешки товарни возила, информираат од АМСМ.
Од 6.45 часот изутрината е нормализиран сообраќајот за камиони на патот крак Маврово – Дебар, а од вчеравечер во 21.45 часот на патниот правец Катланово – Велес, кој беше блокиран од вчера напладне од поголем одрон. Поради внимателност, во должина од 500 метри сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена дополнителна сообраќајна и светлосна сигнализација.
Сè уште е во целосен прекин сообраќајот на патот Прилеп -Ресен, кој е блокиран од свлечиште. Сообраќајот се пренасочува низ градот Битола. Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по наместа влажни коловози, а во западниот дел од државата со остатоци на снег. Слаб снег паѓа на Ѓавато.
АМСМ препорачува внимателно возење, приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците што минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово, каде што е можна почеста појава на одрони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.