| четврток, 6 декември 2018 |

Происламистичка група во Британија тврди дека контролира 30 пратенички места

Британската происламистичка група Муслиманска ангажираност и развој, која лобира да им се дозволи на муслиманите да одат во Сирија за да војуваат на страната на групата Исламска држава, тврди дека пред мајските парламентарни избири располага со „контрола“ врз 30 пратенички места.

Лондонски „Дејли телеграф“ пишува дека групата се пофалила дека „преговара“ со конзервативците и со лабуристите за тоа да им помогне на нивните кандидати да станат пратеници во Парламентот, во тие изборни единици во кои изборната трка ќе биде најнеизвесна.

Високи функционери на групата за британските медиуми изјавиле дека од Изборната комисија се одбрани за „партнери“ во претстојното гласање, како промотори на „демократското ангажирање“ на муслиманите во Велика Британија.

Ваквата „промоција“ на групата во британската јавност се оценува како фасада за да се обезбеди пристап до политиката и да се осигури влијание на поединци со екстремистички и антидемократски погледи.

Извршен директор на групата е Суфијан Исмаил, кој има заработено пари работејќи како правен советник за даночни прашања. Еден од неговите директори во групата отворено заговра примена на шеријатот во Велика Британија, инсистирајќи дека без тоа не може да се зборува за постоење на „вистинска демократија“ во земјата. Во јавни настапи, тој го подржувал убивањето на британските војници и ја бранел идеологијата на Ал Каеда.

На една трибина, организирана од групата, муслимански екстремист ги нарекувал Британците „животни“ и барал жените да не одат на работа, напаѓајќи ја британската демократија како „антимуслиманска“.

Самиот Исмаил тврди дека британските муслимани се „обесправени“ и смета дека властите дозволуваат и поттикнуваат антиисламска омраза. Но, негови блиски соработнци откриваат дека тој, всушност, се обидува да создаде силна и влијателна лоби-група во Велика Британија против Израел и Евреите.

Ваквите коментари на Исмаил се осудени од сите британски партии како потикнување и ширење меѓуверска и меѓуетничка омраза, а тврдењата дека се дозволува антиисламска омраза се оценети како неточни и лажни, затоа што од вкупно 550 лица осудени лани за ширење верска и расна омраза во Велика Британија најголемиот број се тие што предизвикале антиисламски инциденти.

Групата, сепак, тврди дека преговарала со еден кандидат на конзервативците да му помогне на изборите, обезбедувајќи му ги муслиманските гласови, доколку го потпише нејзиниот „муслимански манифест“.

Двете главни британски партии, Конзервативбната и Лабуристичката, ги демантираа како неточни тврдењата дека имале каков било контакт со оваа исламистичка група.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top