| четврток, 6 декември 2018 |

Австралија под притисок да го признае уставното име на Македонија

австралија

Влијателниот австралиски дневен весник „Сиднеј морнинг хералд“ објави анализа за засилениот притисок врз Австралија конечно да ја признае Македонија под уставното име, кој дојде откако неколкумина пратеници, од двете водечки партии во земјата, го поставија ова барање во Парламентот.

– Изразот БЈР Македонија се користи од повеќе европски држави и во меѓународните спортски организации. Но, Британија, Канада и САД решија и официјално да го отфрлат зборот „југословенска“ во своите дипломатски односи со Скопје, и покрај грчките позиции. Австралиската влада, пак, вели дека нејзината ‘привремена’ употреба на референцата БЈРМ ќе продолжи сѐ додека Скопје и Атина не најдат решение на спорот. Не е за верување дека наскоро ќе има излез од овој ќор-сокак – пишува Даниел Флитон, известувач на „Сиднеј морнинг хералд“.

Повод за анализата објавена во водечкиот конзервативен дневен весник во Австралија се неодамнешните повици на пратениците Лук Симпкинс и Алана Мектиернан, кои побараа од Владата на австралискиот премиер Тони Абот да почне да го користи уставното име Република Македонија во односите меѓу двете земји.

– Џулија Бишоп, министерка за надворешни работи на Австралија, на почетокот на март информираше дека Владата ќе остане на ставот да ја користи времената референца во односите со Македонија, и покрај значителниот притисок од стоилјадната македонска заедница во Австралија, кои велат дека се чувствуваат и лично навредени, како граѓани на Австралија, од начинот на кој Владата ѝ се обраќа на нивната родна земја. „Сиднеј морнинг хералд“ ја цитира пратеничката Мектиернан, која рече дека „здравиот разум налага да не ѝ се обраќање на земја со име кое таа го мрази„.

– Југославија одамна умре – додава македонскиот амбасадор во Австралија, Веле Трпески, цитиран во текстот на новинарот Флитон.

Во текстот, сепак, се посочува дека грчкиот амбасадор во Австралија и грчката зедница вршат притисок врз политичарите да остане сегашниот начин на именување на Македонија. Амбасадорот Харалампос Дафаранос вели дека „позицијата на Владата е многу добра“ од гледна точка на Грција.

Флитон посочува дека при неодамнешниот пријателски фудбалски натпревар меѓу Македонија и Австралија во Скопје, австралиските фудбалери забележале дека домашниот тим пред своето име ја носи кратенката БЈР или FYR на англиски.

– Иако Хрватска, Србија и другите поранешни делови на Југославија слободно носат имиња какви што самите си одбрале, и две децении по независноста, Скопје е заглавено во нерешлив спор со соседна Грција, едноставно барајќи го правото да се вика ‘Република Македонија’. Спорот нема само симболичка вредност – Грција одбива да ја прими Македонија во НАТО или во Европската унија додека спорот за името не биде решен – пишува весникот.

Во текстот на Флитон се наведува дека Австралија е вклучена во уште неколку спорови околу имиња. Во 2014 јавниот обвинител Џорџ Брандис ја прекинал праксата Австралија да го нарекува источниот дел на градот Ерусалим “окупиран”. Израел ја поздравил оваа одлука, но арапските земји се заканиле со бојкот на австралиските земјоделски производи, по што Владата во Канбера најавила дека нема промена на ставот. Во 1970ите години, поради заострените односи со комунистичкиот режим Црвени Кмери, Австралија била во недоумица дали да го користи изразот Камбоџа или Кампучија. Во 2012 година, откако режимот во Мјанмар/Бурма најави воведување на одредени политички и економски слободи за граѓаните, Австралија ја признала оваа земја под името Мјанмар. Но, во новата Влада, министерката Бишоп почна да ги користи и Мјанмар, и постарото и во западниот свет прифатеното име Бурма.

Флитон посочува дека Британија ваквите спорови ги решава преку својот Постојан комитет за географски имиња, скоро еден век стара институција која била задолжена за имињата на бројните територии под контрола на тогашната Британска Империја. Оваа институција се уште постои, и во делот за Македонија се наведува дека Британија ќе го користи уставното име Република Македонија во сите билатерални односи. Австралија и Нов Зеланд имаат сличен институт – Комитет за географските имиња на Австралазија, кој може да одредува имиња во просторот на Австралија и Нов Зеланд, но досега не се ангажирал да состави правила за именување на други држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top