| четврток, 6 декември 2018 |

Католиците денеска го слават Велигден

katolicka crkva

Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Традиционално во Македонија, централното одбележување по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше велигденска воскресна литургија.
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, честитајќи им го Велигден на католичките верници на литургијата ја прочита велигденската порака.

– Со оваа најубава литургија во Католичката црква го празнуваме и најголемиот настан на спасението кој произлегува и ја надминува нашата историја, а тоа е настанoт на Христовото Воскресение. Силата на нашата вера е во Христос кој е жив, воскреснат и присутен. Празнувањето Велигден секогаш чин е на верата и достојно може да се празнува не како спомен, туку како настан на верата. Литургијата со која го славиме тој настан не е празен спомен, туку настан сега и овде. Литургиското празнување не е собир на убави церемонии, а и овој олтар не е сцена, туку литургијата е свет настан и така и овој олтар е свето место на спасението.

Драги браќа и сестри, со силата на верата која не храни и охрабрува и јас денес ви порачувам: Не плашете се! Го барате Исуса, Воскресна, отидете во Галилеја, таму ќе го видите. Оваа средба во овој Божји храм ја има силата на тоа послание: Идете и сведочите дека Исус Христос е жив и присутен. Ако сакате да имате мирна совест и вечен живот облечете се во силата на верата која ви се нуди во овој миг. Отидете по сиот свет и бидете сведоци дека Исус Христос е сега и секогаш единствен Спасител на светот. Нека Неговата присутност трајно ве прати по вашите Галилејски, односно македонски патишта. Честит празник Воскресение Христово – Христос воскресе!, рече бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.

На литургијата присуствуваа и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top