Млечно бела, црна, сончево жолта и длабока црвена се боите кои доминираат во колекцијата за актуелната сезона пролет-лето 2015 година на македонската модна креаторка Росица Мршиќ, која со својата ревија го отвори единаесетиот пролетен Моден викенд Скопје во катната гаража „Солунски конгрес“.
Мршиќ е препознатливата по експериментите со кроевите. Со оваа колекција креаторката ја започнува осмата година на континуирано пласирање авторски модни колекции.
– Колекцијата е дефинирана од три термини: асиметрија, контраст и униформа, реализирани со меѓусебната спротивност на употребените бои: млечно бела, црна, сончево жолта и длабока црвена. Идејата за изгледот на силуетата е да се претстави лесна, современа и женствено комфорна нота. Природните материјали во комбинација со структурата на ткаенините го надополнуваат целосниот изглед и додаваат лежерна линија – вели Мршиќ.
Моден викенд Скопје продолжува вечерва со групна модна ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ наречена Артерија-Антерија и истоимената изложба на професорите од ЕУРМ, модните ревии на Ивана Цветковска, Алмир Мили, Флутура Дедиња, Ирина Тошева и Јована Марковиќ.
Вечерва ќе бидат презентирани и маичките дизајнирани од Алмир Мили и Ивана Цветковска со кои ја поддржаа кампањата „Стоп за насилството врз жените и девојчињата-сега“ на Канцеларијата на УНДП во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.









