Во делот на патната инфраструктура во овој регион изминативе 3 години извршивме изградба, реконструкција и модернизација на над 90 километри локални и регионални патишта за што беа инвестирани повеќе од 11 милиони евра. Само во Тетово, изминатава година беа инвестирани 4,5 милиони евра за реконструкција и модернизација на 30 километри локални и регионални патишта – нагласи пред тетовци премиерот Никола Груевски на денешниот народен собир на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред насобраните граѓани, симпатизери, поддржувачи и членови на владејачката партија, Груевски посочи дека во периодот што следи, ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на патната инфраструктура во Полог.
-Во идниот период во Тетовско ќе инвестираме повеќе од 2 милиони евра за реконструкција и надградба на 20 километри пат, меѓу кои и надградбата на коловозот Тетово – Попова Шапка која ќе започне во мај/јуни, како и рехабилитацијата на регионалниот пат Тетово – Брвеница – Чегране – Гостивар во должина од 16,5км и инвестиција од 2 милиони евра која ќе започне летово. Во април/мај ќе ја започнеме и втората фаза од рехабилитацијата на патна делница Тетово-Пирок-Гостивар во должина од 10 километри. Се работи и реализација на инвестиции од 1 милион евра за реконструкција на 2 пата и автопатска клучка во Брвеница – рече Груевски.
Тој потсети дека вчера започнаа и тендерските процедури за реконструкција на три пата во гостиварско и санација на мостот на магистралниот Гостивар – Стража, инвестиција во висина од 1,5 милион евра.
-Откако ги завршивме градежните работи во висина од 3 милиони евра на делниците Гарски мост – Бошков Мост и Маврово – Дебар, летово започнуваме и со реконструкција на регионалниот пат Ново Село – Маврово – Жировница – Дебар во должина од 20км во вредност од 8 милиони евра. Реконструкција која ќе заврши за една година. Тоа се проекти кои се од значење за сите жители од овој регион – додаде премиерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



