Унапредување на стручноста и подобрување на квалитетот на вештачењето е една од примарните задачи на Комората на вештаци на Република Македонија, како професионална институција на вештаци. Континуираната обука согласно одредбите од Законот за вештачење, претставува постојано стручно усовршување со цел проширување на теоретските и практичните знаења и вештини поради стручно и ефикасно вршење на вештачењето.
Ова денеска го истакна претседателот на Комората на вештаци, Васе Доневски на отворањето на обуката од областа на материјално, сметководствено и финансиско работење, која ја организираат Комората на вештаци и Службата за заеднички и општи работи на Владата во соработка со Министерството за правда. Тој посочи дека Комората ја има обврската да го овозможи континуираното усовршување, додека пак, обврската на вештакот е секоја година да ја посетува обуката.
Вештакот, појасни, е должен континуирано стручно да се усовршува, да биде во тек со научните достигнувања и методи во струката и да учествува на советувања, обуки и други форми на едукација во држава.
Денешната обука е втора во низата предвидени обуки во организација на Комората на вештаци. Првата обука беше од областа на медицината.
– Управниот одбор на Комората на вештаци одлучи по овој редослед да се организираат обуките, водејќи се од големата застапеност на овие области во Регистарот на вештаци. Имено, една третина од Регистарот на вештаци, поточно 273 од 964 се вештаци од областа на материјалното, сметководствено и финансиско работење, што претставува доволен показател за значењето на оваа област воопшто за вештачењето во Република Македонија, рече Доневски.
Нагласи дека котизацијата за учество на овие обуки е 150 денари, што е најниска котизација во земјата.
– Целта ни е парите што вештаците ги даваат од нив да одат за нив, значи без да имаме некаков интерес, профит итн. Се надеваме дека додека ни трае мандатот ќе направиме уште две обуки. Во мај ќе имаме обука која ќе ја организираме заедно со Бирото за судски вештачења. Овие обуки се општи, а понатаму ќе одиме со потесни специјалности. Ќе бидат опфатени сите области, ќе има вештаци од сите дејности – машинство, сообраќај, земјоделство, психијатрија, геодезија, градежништво итн., истакна Доневски.
Секретарот на Министерството за правда, Илија Ристевски рече дека Министерството, иако е овластен носител на Законот за вештачење и задолжен за неговата имплементација, се труди да биде еден рамноправен партнер и на Комората на вештаци.
Нашата цел, посочи, е секое едно вешто лице да биде што е можно поквалитетно, да биде независно, стручно и да даде придонес, како во однос на судскиот спор во кој учествува, така и во однос на која било друга сфера од општественото живеење во која може да помогне со својот вешт наод.
– Вештите лица од областа на материјалното, финансиско вештачење особено имаат значење. Голем дел од судските спорови, трговски, стопански, граѓански спорови имаат потреба од вакво вештачење и улогата на вештото лице е незаменлива за донесување на правилна пресуда. Заради тоа особено ни беше важно да се одржи една ваква обука, еден ваков форум во кој вештите лица, сите вие, ќе научите еден од друг, рече Ристевски.
Според него, ова е форум во кој треба да се разменат искуства и освен предавања битно е да има интеракција еден со друг, битна е размена на искуства за обезбедување што е можно поквалитетени стручни вешти наоди и мислења.
– Ставот на Министерството за правда е дека многу е важно секое вешто лице да биде стручно во својата работа, да биде независно, да биде квалитетно, да помогне за донесување на правилна судска пресуда, да помогне за донесување на правилен стручен наод и мислење од која било сфера од општествениот живот, додаде Ристевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.