Македонскиот шампион Вардар вечер од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ е домаќин на Ѓер во првиот дуел од четвртфиналето од Лигата на шампоните.
Гостинките од Унгарија последните две години ја освојуваат шампионската титула и влегуваат како фаворитки во оваа пресметка со нашиот првак.
Сепак, Ѓер е различен тим во однос на ланскиот, кој на Ф4 турнирот во Будимпешта лесно го освои пехарот. Ги нема десниот бек Катарина Булатовиќ, а повредени се Едуарда Аморим, Адриен Орбан и голманката Јелена Грубишиќ која дојде во меѓувреме. Ги нема и легендарната Анита Гербиц, како и најдобрата голманка лани во ЛШ, Катрин Лунде.
Вардарки не се предаваат предвреме, напротив апелираа до навивачите да ја наполнат салата и со големата поддршка која ја очекуваат од трибините веруваат во победа и предност пред реваншот во Будимпешта.
Сите оние кои што се уште не купиле билет за натпреварот со Ѓер, а сакаат во живо да го гледаат македонскиот и европскиот шампион, влезница ќе можат да купат денеска на билетарницата во „Јане Сандански“ која ќе работи од 12 часот па се до почетокот на средбата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.