Вчера (2 Април 2015) во својот роден град Порто, Португалија, на 106-годишна возраст почина доајенот на европската и на светската кинематографија Маноел де Оливеира. Неговиот прв игран филм се појави во далечната 1931 година, по што до денешен ден Оливеира оствари еден импресивен опус од 58 играни и голем број документарни филмови. Добитник е на најголеми признанија од областа на филмот, меѓу кои можат да се издвојат „Златниот лав“ за животно дело на Фестивалот во Венеција, како и наградата за животно дело на Канскиот фестивал.
Маноел де Оливеира беше прогласен за прв почесен доктор (Doctor Honoris Causa) на ЕСРА во јануари 2008 година, а ја доби и престижната Светска награда за хуманизам, која ги продолжува традициите на Св. Климент Охридски, како основач на Првата школа на хуманизмот во Европа. Во неговата пристапна беседа на Универзитетот за аудиовизуелни уметности и беседата во Охрид во Куќата на Уранија, тој за вечни времиња на духовен план ги поврза Македонија и Португалија, цитирајќи го класичниот поет на португалската литература Луис де Камоеш, кој во своето познато дело „Луисијади“ од 16 век го напиша бесмртниот стих „Реката Вардар и Македонија се извор на европската меморија“.
Ректорот Јордан Плевнеш во име на Наставно-научниот совет на Универзитетот за аудиовизуелни уметности испрати сочувство до семејството на големиот португалски филмски мит Маноел де Оливеира.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.