| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов во Пустец ­- прва посета на македонски претседател

­ Претседателот Ѓорге Иванов денеска ја посети Општина Пустец каде што имаше средба со Македонци во оваа општина. При престојот во Пустец, што е прва посета на претседател на Македонија во оваа општина, Иванов истакна дека само со иницијативи и проекти за развој на туризмот и поголема економска соработка ќе се подобри стандардот на жителите. ­

– Овој дел од Преспанско Езеро е недопрена природа, но тука треба да доаѓаат туристи, млади луѓе, и вие производите што ги имате да можете да ги понудите, а од тоа и да остварите егзистенција. Во другиот дел на Преспа, има сѐ повеќе летувалишта и услужни објекти и очекуваме во овој дел да се зголеми туристичката понуда – рече Иванов во обраќањето пред жителите.

Нагласи дека очекува конкретни иницијативи и идеи, кои во иднина ќе резултираат и ќе го подобрат стандардот. ­

– Многу зборуваме за политика, да се посветиме на економијата. Во тој поглед стоиме на располагање. Заедно со Албанија, сакаме да аплицираме за многу европски фондови за меѓугранична соработка, така што треба и локалната самоуправа и сите млади своето знаење да го користат да се аплицира за грандови, да се донесат странски инвеститори и животот да се менува на добро – посочи Иванов.

Покрај од Пустец, на средбата со претседателот присуствуваа и Македонци што живеат во другите делови на Албанија. Иванов, меѓу другото, посочи дека континуирано се залага тие да ги добијат истите права како и Македонците во Пустец. ­

– Македонците во оваа општина ги уживаат правата на мајчин јазик, ги негуваат своите традиции и култура, но тоа го немаат другите Македонци во другите делови од Албанија, рече Иванов, укажувајќи дека на вчерашните разговори со албанскиот државен врв побарал, без разлика каде живеат, Македонците во Албанија да ги уживаат истите права како и тие во Пустец.

При престојот во Пустец претседателот Иванов ја посети гимназијата, а неговата сопруга Маја градинката.

-За заложбите и за заслугите на Иванов за правата на македонската заедница во соседна Албанија, Општина Пустец го прогласи за почесен граѓанин за што градоначалникот Едмонд Темелко му врачи плакета. ­

– Ние Македонците во Албанија сме лојални граѓани и сме добар пример како треба да се почитува државата во која живеат и како со нашите минимални можности се бориме што подобро да го развиеме местото и државата каде што живееме – изјави Темелко.

Жителите на Пустец се со очекувања претседателот да ги пренесе нивните барања за подобрување на условите за живот и на можностите за вработување. Велат дека се задоволни од правата и можностите за учење на македонски јазик, но дека очекуваат да се пренесат нивните барања, меѓу другото, за проблемите со кои се соочуваат со обезбедување вода за пиење во летниот период, како и да се создадат можности за отворање работни места.

Со престојот во Пустец, Иванов ја заокружи дводневната официјална посета на Република Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top