Кинотеката на Македонија ќе ја промовира втората книга со рецензии за филмови од Тони Цифровски, под наслов „Кинеење 2 (следната генерација)“, што ќе биде претставена во вторник, 7 април, од 12 часот во нашите простории.
Ова издание е збирка од околу 60 рецензии за филмови прикажани на домашниот редовен или фестивалски кинорепертоар во период од 4 години (од 2011 до втората половина на минатата година).
– Филмските критики на Тони Цифровски, освен што ги остваруваат веќе посочените цели од сферата на естетското, но и од едукативното, можат да се согледаат и како историја на кино репертоарот во Македонија во периодот во кој се пишувани… – вели Гоце Смилевски.
Со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, книгата излезе во печат под етикетата на Издавачката куќа „Маска“ од Скопје, а делото ќе го промовираат м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на Кинотеката на Македонија, и Тодор Кузманов, новинар и критичар во Македонското радио.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.