Атина ја разигрува руската карта, пишува страницата „Еуроактив“, специјализирана за европски прашања, наведувајќи дека во пресрет на посетата на Москва на 8 и на 9 април грчкиот премиер Алексис Ципрас го повторил отпорот против санкциите на ЕУ кон Москва истакнувајќи дека Грција има желба да ги подобри односите со Русија.
„Еуроактив“, повикувајќи се на интервју за ТАСС, во кое Ципрас изјавува дека економската војна како продолжение на реалната војна е пат, што не води никаде, ги изнесува и позициите на грчкиот премиер дека новата структура на безбедноста во Европа треба да ја вклучува и Русија.
За грчката агенција АНАМПА министерот за труд, животна средина и енергетика Панајотис Лафазанис пред овонеделната средба со рускиот минситер за енергетика Александар Новак и претседателот на „Гаспром“ Алексеј Милер изјави дека во односите меѓу Русија и Грција е отворено ново поглавје, пишува „Еуроактив“.
Лафанзис најави и продолжување кон Грција на проектот за гасоводот „Турски тек“, додавајќи дека конечната одлука за тоа прашање ќе биде донесена од грчкиот премиер врз основа на националните интереси на Атина, а не на Европската комисија, што, според него, не е неконтролиран шеф на националните влади во ЕУ.
„Еуроактив“ наведува дека „Турски тек“ е проект за изградба на гасовод на „Гаспром“ за трансфер на гас преку Црно Море до Турција, а од таму до работ на турскогрчката граница. Една од целите на проектот е да се заобиколи Украина, а друга да се казни Бугарија, што Русија ја обвинува дека ја спречила изградбата на „Јужен тек“, пишува интернет страницата.
Грција покрива 65 проценти од годишните потреби за гас со увоз од Русија. Наспроти договорот од минатата година меѓу грчката компанија ДЕПА, која е увозник и дистрибутор на природен гас и „Гаспром“ за намалување на цената на гасот за 15 проценти, Грците продолжуваат на плаќаат највисока цена во Европа поради државниот монопол, наведува „Еуроактив“.
Во интервју за португалски весник „Пиер Московиси“, еврокомесарот за економски и финансиски прашања изрази увереност дека Русија не е алтернатива за Грција и дека местото на Атина е во еврозоната.
– Затоплувањето на односите со Русија, подобрувањето на врските со Кина и со земјите од Јужна Европа се не само оправдани цели, туку и неопходност, како во насока на независност на земјата, така и за прекин на антиевропската логика на асиметрична власт на неколку држави во ЕУ – изјави во интервју за „Еуроактив“ европратеничка на владејачката партија Сириза Софија Сакорафа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.