Во последните неколку години, БРИКС станаa главна геополитичка закана за САД. Една од главните теми во западните медиуми е враќањето на рамнотежата во светскиот монетарен и финансиски систем. Токму тука БРИКС се можна закана за САД и за американскиот долар.
САД се обидуваат да ја уништат и скршат Русија преку кризата во Украина, санкциите и падот на цените. Се обидоа да ја разнишаат и стабилноста на Кина преку „револуцијата на чадорите“ во Хонгконг. Во Индија, пак, партијата на обичните се обидува да стигне до власт, а во Бразил Американците се обидуваат да го спроведат сценариото на латинскоамериканската пролет, а слични дејства прават и во други суверени земји во регионот – Аргентина и Венецуела.
Заговорот на ЦИА против Дилма Русеф
Причините поради кои Вашингтон сака да се ослободи од Дилма Русеф се јасни. Таа потпиша договор за основање Нова развојна банка, чијшто почетен капитал е 100 милијарди долари во резервен фонд, а располага и со дополнителни 100 милијарди долари. Русеф, исто така, го поддржува и создавањето нова светска резервна валута.
Во октомври 2014 година, Дилма Русеф ја почна изградбата на оптички телекомуникациски систем преку Атлантикот до Европа, кој е долг 5.600 километри. Проектот го изведува државната компанија „Телебрас“, а ако успее – ќе го поткопа американскиот монопол во областа на комуникациите и на интернетот. Новиот комуникациски систем ќе гарантира заштита од шпионажа на НСА. Претседателот на „Телебрас“ за локалните медиуми изјави дека проектот ќе се развива и реализира без учество на ниту една американска компанија.
Дилма Русеф го спречува и враќањето на големите американски нафтени компании на бразилскиот пазар на нафта и на гас. Земјата е богата со нафта. Неофицијално, има резерви од повеќе од 100 милијарди барели. Меѓутоа, за време на претседателскиот мандат на Лула, Бразил се реши за кинеската државна компанија „Синопек“.
Во мај 2013 година, заменик-претседателот на САД, Џо Бајден, го посети Бразил со цел да ја убеди Дилма Русеф да им дозволи пристап на американски компании до бразилските нафтени полиња. Бајден се врати дома со празни раце. Веднаш потоа, низ Бразил се кренаа низа протести. Луѓето се бунеа против покачените цени на јавниот превоз за 10 проценти. Рејтингот на Дилма Русеф падна од 70 на 30 проценти. И сето тоа на една година пред претседателските избори. Оттогаш, Американците доследно го уништуваат режимот на Русеф преку разни протести, како масовните протести против преголемите трошоци за Светскиот куп и недоволните средства за социјална помош и за здравствена заштита. Имаше и насилство, и судири со полицијата. Одненадеж, Бразилците заборавија дека Работничката партија спаси 30 проценти од населението од сиромаштија преку програмите за јавна поддршка. Гладот и неписменоста заминаа во заборав. Или, пак, се работи само за краткотрајна меморија? Не, зашто ЦИА знае одлично како да им го испере мозокот на луѓето преку потчинетите медиуми.
Веднаш по заминувањето на Бајден од Бразил, беше објавено дека Дилма Русеф е вмешана во скандалот поврзан со државната нафтена компанија „Петробрас“. Русеф беше обвинета дека земала провизија од договорите со нафтената корпорација, а парите, наводно, ги користела за купување гласови во парламентот.
Последниот обид Русеф да се симне од власт е од изборите во октомври 2014 година, кога нејзиниот противкандидат од партијата на бразилските социјал-демократи ПСДБ, Аесио Невис, можеше да се всели во претседателскиот кабинет. Ако Невис беше избран за претседател, нов бразилски министер за финансии ќе беше Арминио Фрага Нето. Нето има двојно државјанство – бразилски и американско и е близок пријател и поранешен партнер на Џорџ Сорос и на неговиот хеџ-фонд „Квантум“. Министер за надворешни работи ќе беше Рубенс Антонио Барбоса, поранешен амбасадор во Вашингтон, кој моментно е директор на „Олбрајт соунбриџ груп“ во Сао Пауло.
Подготовки за обоена револуција во Бразил
Фондацијата е предводена од Медлин Олбрајт, добропозната креаторка на обоени револуции. Според „Викиликс“, Жозе Сера – еден од лидерите на опозициската партија ПСДБ – ѝ ветил заштита на американската енергетска компанија „Шеврон“ ако тие победат на изборите. Меѓутоа, и покрај манипулациите со гласовите во Сао Пауло, Дилма Русеф победи и доби втор мандат.
Џин Шарп, автор на книгата „Од диктатура до демократија“, опишува 198 ненасилни начини за соборување легитимна власт. Ако се воопштат, се добиваат следниве пет формули:
Чекор 1: Обработка на јавното мислење врз основа на реални недостатоци, подбуцнување незадоволство преку медиуми, нагласување на дефицитот, криминалот, нестабилен монетарен систем, неспособност на државните лидери и обвинувања дека се корумпирани.
Чекор 2: Претставување на властите како злобници преку манипулација со предрасуди, како, на пример, тврдења дека сите Бразилци (или Руси, Кинези…) се корумпирани, па јавни настапи за одбрана на слободата на медиумите, човековите права и на граѓанските слободи, осуди на тоталитаризмот, навраќање на историјата во полза на силите што треба да ја преземат власта.
Чекор 3: Работење на улиците – предизвикување конфликти, поттикнување мобилизација на опозицијата, развивање платформи што ги сплотуваат сите политички и општествени барања, поддржување секакви протести, вештина во потезите на сметка на државните грешки, организирање демонстрации за да се блокираат или окупираат државни институции за да се радикализираат судирите.
Чекор 4: Комбинирање разни форми на битка – организирање патроли и симболични окупации на државни институции, психолошко војување во медиумите и поттикнување судири со полицијата за да се создаде впечаток дека работите се излезени од контрола уривајќи го моралот на легитимната власт и на органите за спроведување на законот.
Чекор 5: Сценирање институционален пуч преку улични протести и барање оставка од лидерите на земјата.
Во која фаза на обоена револуција е Бразил сега? Останува да реши читателот. Ситуацијата се влошува пред наши очи, а се чини дека бразилските власти се прават дека не гледаат што прават разузнавачките агенции на САД пред нивни нос. Агенти на ЦИА, ДЕА и на ФБИ легално работат во Бразил, под превез на искоренување на шверцувањето дрога. Невладини организации и фондации, кои спонзорираат обоени револуции, се, исто така, присутни во земјата.
Венецуелскиот новинар Хозе Висенте Ранхел објави дека околу 500 вработени во разузнавачките служби на САД пристигнале во амбасадите на САД во Венецуела, Боливија, Аргентина, Бразил, Еквадор и во Куба за да се вмрежат и да работат на дестабилизација на демократскиот режим во тие земји. Што ќе следува? Украина е добар пример.
Извор: „Правда“
Превод: Марија Манасиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.