Концертот со наслов „Апотеоза на танцот“ кој ќе биде изведен вечерва во Македонската филхармонија е под диригентство на Јануш Пшибилски од Полска, а како солист ќе настапи рускиот пијанист Николај Демиденко.
– Овој страстен виртуоз на пијаното, како што го нарече критиката, за македонската публика ќе го изведе прочуениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 во Ц-мол од Сергеј Рахмањинов. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе и грандиозната Седма симфонија во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, која Вагнер своевремено ја нарекол „апотеоза на танцот“, од каде е и насловот на концертот, информкра Филхармонијата.
Николај Демиденко (1955) се образувал кај Дмитриј Башкиров, еден од најславните пијанисти и педагози на денешнината, во период кој се нарекува „златно време“ на Московскиот конзерваториум. Добитник е на награди на престижни меѓународни натпревари, а импресивен е пописот на оркестрите со кои настапувал. Од 1995 година поседува и британско државјанство и е чест гостин солист на сцените во Велика Британија, каде што предавал и во школата „Јехуди Мењухин“, но постојано соработува и со истакнати руски музичари.
Во 2014 година ја прими титулата почесен доктор за неговиот исклучителен придонес во музиката на Универзитетот во Сурај, каде што е визитинг-професор. За дискографските куќи „Хајперион“, „АГПЛ“ и „АСВ Голд“ снимил голем опус на дела од Бах, Бетовен, Шопен, Чајковски, Лист, Мусоргски, Рахмањинов, Шуберт, Шуман, Скрјабин…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.