| четврток, 6 декември 2018 |

За четири години мобилните разговори поевтиниле за 63 проценти

мобил

Просечната цена за една минута разговор во последните четири години е намалена за повеќе од 63 проценти, покажуваат податоците од анализата што ја направи Агенцијата за електронски комуникации.

Според податоците, цената за една минута разговор е намалена од просечните 3,4 денари во 2010 година на 1,27 денари на крајот од 2014 година.

Падот на цената, како што беше истакнато на денешната прес-конференција, кореспондира со регулираната цена од страна на АЕК за завршување на повик во мобилната мрежа или, како што популарно се нарекува, цената за интерконекција за мобилните оператори.

Како последица на намалувањето на цената, во овој период за над 110 проценти е зголемена употребата на мобилната телефонија, а постојано се зголемува и бројот на корисници што ги користат услугите на мобилен интернет.

– Евидентно е дека сѐ повеќе има пораст на активните претплатници што ги користат мобилните комуникациски услуги и тоа не е само тренд во Македонија, туку и во останатите земји од Европа. Очекуваме овој тренд да расне и понатаму, но не со толку голем чекор. Сметаме дека од сегашните 110 проценти пенетрација во следните шест до седум години ќе стигнеме до 130 проценти пенетрација, колку што е и просекот во земјите-членки на Европската унија – рече Владимир Ристевски од АЕК.

Во овој четиригодишен период се забележува и зголемување на бројот на корисници на фиксната телефонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top