Од шест кланици во Република Македонија за велигденските празници досега на странските пазари се извезени повеќе од 140 илјади јагниња, информираше денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, кој беше во посета на прилепската кланица, во рамки на проектот „Отворени денови на Агенцијата за храна и ветеринарство“.
Поповски нагласи дека Агенцијата перманентно ја следи и ја контролира работата на кланиците во земјава особено, сега во периодот на извозот на јагнешко месо на странските пазари за велигденските празници.
– Во моментов се извезува од шест кланици во земјава. Бројката на извезено јагнешко месо до моментот е 140.000 грла или околу еден милион и 300.000 килограми јагнешко месо. Шпицот за празниците заврши. До крајот на годинава се очекува да се зголеми извозот и да биде на нивото на претходните години. Се извезува на традиционалните пазари Италија, Грција, Хрватска и Црна Гора. Се надеваме и дека појавата на „синиот јазик“ нема да биде удар за оваа гранка – изјави Поповски.
Според Поповски, операторите со храна се заинтересирани за забелешките и прашања од доменот на работењето, со акцент на измените во Законот за безбедна храна и мерките за импленетирање стандарди при извозот на храната.
– Извезуваме на италијанскиот, грчкиот, српскиот и црногорскиот пазар. Оваа година работиме со поголем интензитет. Има зголемување на сточниот фонд со добрите стимулации што ги дава државата. Се чувствува поголема понуда на јагниња на пазарот и ние тоа ќе го извевземе. Имаше некој застој пред велигденските празници, но заклучно со православниот Велигден сите количества и очекуваме да бидат извезени 20.000 јагниња на грчкиот српскиот и црногорскиот пазар и дел количества на италијанскиот пазар. Годишно од двете кланици во Кавадарци и Прилеп очекуваме да извезвеме околу 70.000 јагниња. Во двете кланици има линии за обработка на јагниња, свињи и за говеда. Откупната цена моментално на јагнињата жива мера се движи околу 155 денари за килограм, во шпицот пред празниците достигна и до 170 денари, а во малопродажбата цената на јагнешкото месо е околу 330 денари за килограм – вели Михајлов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



