Референт за издавање лични карти од Крива Паланка бил фатен како зема поткуп од 400 евра за да издаде веќе готова лична карта на негов сограѓанин.
СВР Куманово, во содејство со Центар за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР на РМ, по примена пријава на телефонскиот број 199 за „Пријави корупција“ реализирало случај на кривично дело – примање поткуп во Крива Паланка, при што е приведен Г.Ѓ. (45) од Крива Паланка, вработен како референтот по лични карти во Отсекот за управни работи Крива Паланка, соопшти МВР.
Вчера пријавениот злоупотребувајќи ја својата службена положба, на оштетениот Д.С.(29) од Крива Паланка му побарал 400 евра за да му ја даде веќе изготвената лична карта, на што тој му одговорил дека нема пари, а референтот кажал дека не го интересира дали има или нема пари, туку да се снајде ако сака да ја земе личната карта.
Денеска оштетениот отишол кај пријавениот и му дал 400 евра (претходно технички обработени) за да си ја земе личната карта, по што од страна на полициските службеници од СВР Куманово е извршен претрес во канцеларијата на референтот и се пронајдени и одземени предметните 400 евра.
Во тек е целосно расчистување и документирање на настанот, по што Г.Ѓ. ќе биде спроведен во ОС Крива Паланка, заедно со кривична пријава за примање поткуп. Инаку, ПС од ОН Крива Паланка и предходно на пријавениот му има поднесувани пријави за шумски кражби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.