Министерството за економија предлага нови измени на Законот за возила. Според предвидените законски измени, техничкиот преглед за возила треба да трае најмалку 15 минути, а за пречекореното времетраење ќе следуваат глоби. Според Законот за возила, техничката исправност на возилото што учествува во сообраќајот на патиштата се проверува со технички преглед што претставува постапка со која правното лице за технички преглед ги утврдува податоците во врска со возилото, неговите системи, составните делови, самостојните технички единици и опрема, како и исполнувањето на други барања за нив.
Според предвидените законски измени, техничкиот преглед за возила треба да трае најмалку 15 минути.
– Со воведување на времетраење на техничкиот преглед се пропишува и глоба за правното и за одговорното лице доколку не вршат технички преглед во согласност со временското ограничување – велат од Министерството за економија.
Предвидената глоба изнесува 3.000 евра во денарска противвредност за правното лице, односно 900 евра за одговорното лице и 300 евра за стручното лице.
Понатаму, со Предлог-законот се вршат измени во насока на пренесување на надлежноста за изготвување на предлог за овластување на техничките служби од органот за одобрување на посебна комисија со цел да се намали времето потребно за овластување на техничките служби и да се зголеми објективноста во постапката.
Исто така, се воведуваат нови дефиниции за „регистрационо подрачје“ и за „сообраќајна дозвола“ со цел да се изврши терминолошко усогласување со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Се воведуваат заштитени обрасци на кои ќе се печати Потврдата за сообразност, со што ќе се спречи можноста за нејзина злоупотреба односно фалсификување, а се скратува и рокот за издавање на одобрение за единечно возило од 15 на 5 работни дена.
Во предложените измени се предвидува и воспоставување на точна евиденција за извршена промена на сопственост бидејќи во пракса се појавува последниот сопственик на возилото кој во прилог на барањето за регистрација поднесува сообраќајна дозвола и повеќе купопродажни договори меѓу претходните сопственици на возилото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.