
Германскиот пилот Андреас Лубиц не бил првиот пилот во историјата за кој се претпоставува дека намерно го урнал авионот, пишува агенцијата ДПА наведувајќи уште неколку слични случаи.
Ситуациите во кои пилотите намерно го урнале авионот со кој управуваат за да извршат самоубиство се многу ретки и е многу тешко уверливо да се докажат, пишува агенцијата ДПА.
Самоубиството е една од теориите кои се спомнуваат во мистеријата за исчезнатиот авион на Малезија Ерлајнс на летот МХ 370. Авионот исчезна минатата година на лет од Куала Лумпур кон Пекинг.
Минатата година во Намибија се урна и авион на Мозамбик Ерлајнс. Тогаш загинаа 33 патници, а истражителите заклучија дека авионот е урнат намерно од пилотот што управувал со него.
Претставници на американската служба за воздушен сообраќај веруваат дека во 1999 година копилотот на авионот на Еџипт Ер кој сообраќај на летот 990 во смрт понел со себе 217 патници. Се претпоставува дека намерно го урнал авионот во Атлантскиот океан по полетувањето од Њујорк. Египетските власти остро ги негираа тие тврдења со објаснување дека несреќата се должи на механички дефект.
Две години подоцна во 2001 година, во Индонезија се урна авион на компанијата Силк Ер кој сообраќал на линијата Џакарта-Сингапур. Американските истражители во овој случај изразиле сомневање дека несреќата намерно ја предизвикал пилотот. Тогаш загинаа 104 патници, а во извешајот на американските истражни органи стои дека пилотот имал финансиски проблеми. Теоријата за самоубиството остро ја негираа индонезиските воздухопловни власти.
Во 1994 година, пилотот на авиокомпанијата Ројал Марок, кој наводно имал љубовни проблеми го урна авионот со кој управувал во планината Атлас, непосредно по полетувањето од Агадир. Тоа го заклучиле американските истражители, но здружението на марокански пилоти ги отфрлила тврдењата и резултатите од нивните истражувања. Тогаш загинаа сите 44 патници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


