Виртуозот на народни инструменти Драган Даутовски вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе одржи хуманитарен концерт. Приходот ќе биде наменет зз обнова на манастирот „Трескавец“, чиишто конаци целосно изгореа во пожар на 4 февруари. Влезниците се по цена од 100 денари.
– Досега се организирани повеќе културни манифестации за помош за обновата на големото светилиште со кое прилепчани се многу поврзани. Концертите и театарските претстави, кои се одржуваат не само во Прилеп, туку и во другите градови, се дел од акцијата на Министерството за култура и на прилепската локална самоуправа за собирање средства за манастирот – рече на конференција за печат Снежана Ристеска, советничка за култура во Општина Прилеп.
Кога ќе дозволат временските услови и ќе биде пристапен патот до „Трескавец“, ќе продолжи расчистувањето на опожарените делови на манастирот. Повеќе од 200 доброволци на 10 февруари спроведоа голема акција на расчистување, а во следната фаза ќе бидат урнати опожарените ѕидови на конаците.
Прилепскиот завод и музеј во меѓувреме работи на идејниот проект за обнова на манастирот, кој ќе ја задржи неговата автентичност, но ќе бидат преземени мерки и за негова заштита од непогоди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.