Целта на овој меморандум е промоција, развој, унапредување и поддршка на користењето велосипед заради подобрување на мобилноста на сообраќајот, намалување на загадувањето и промоција на еколошки сообраќај во кој возењето велосипед ќе биде стил и култура на живеење.
– Важноста на овој меморандум е да се намали аерозагадувањето преку користење велосипед и неговото мото „Го сакам Центар, да, на велосипед“ го покажува тоа. Во голема мера ќе се намали аерозагаденоста доколку од сегашните корисници на моторни возила 10-20 проценти преминат на користење велосипед – рече кандидатот за градоначалник на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ.
Тој рече дека обврска на Општина Центар е да обезбеди доволно простор и велосипедски патеки.
– Во наредниот четиригодишен мандат Општина Центар ќе се заложи за уште поголемо подобрување на условите на велосипедистите заради намалување на аерозагаденоста – додаде Тодоровиќ.
Претседателот на Велосипедската федерација на Македонија, Сашо Димитриоски, очекува дека во наредниот период ќе се зголеми велосипедскиот сообраќај.
– Во наредниот период ќе се изградат долгоочекуваните велосипедски патеки и ќе се овозможи нормален проток на велосипедскиот сообраќај. Со сериозни студии ќе се направи сообраќајно решение и ќе се овозможи сериозен велосипедски сообраќај во општина Центар – рече Димитриоски.
ЈП „Паркинзи на општина Центар“ ќе обезбеди бесплатно паркирање за велосипеди. Како што рече директорката на ова претпријатие, Маргарита Бакев, покрај бесплатен паркинг за велосипеди, овој меморандум содржи уште два проекти, а тоа е проектот „Паркирај го автомобилот и изнајми велосипед“ и проектот „Сподели пат, има место за сите“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.