Специјалниот претставник на ОБСЕ и координатор за борба против трговија со луѓе, амбасадорката Мадина Јарбусинова, по завршувањето на четиридневната посета на земјата ги пофали властите во земјата, кои со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје вложија особени напори во борбата против модерното ропство, соопштија денеска од оваа меѓународна организација.
За време на посетата Специјалниот претставник имала средби со владини претставници, како и со претставници на невладини и меѓународни организации.
– Ги поздравувам напорите на Владата за хармонизирање на националната правна рамка во согласност со меѓународните стандарди – истакнала амбасадорката Јарбусинова.
Би сакала, посочила Јарбусинова, да ги охрабрам властите да продолжат со работа на раната идентификација на жртвите, особено оние кои припаѓаат на ризичните групи.
– Овој процес треба да ги вклучи сите засегнати страни, како што се трудовите инспектори, граничната полиција и невладините организации, коишто многу често се меѓу првите кои стапуваат во контакт со потенцијалните жртви – истакнала таа.
Јарбусинова ја поздравила и желбата на Владата да формира Државен фонд за надоместок, кој, смета таа, претставува клучен дел од процесот на рехабилитација на жртвите. – нСредствата заработени преку криминал може да се одземат, конфискуваат и да се искористат за компензација на овие жртви, вели амбасадорката Јарбусинова.
Од Мисијата на ОБСЕ во Македонија посочуваат дека секоја година Специјалниот претставник спроведува серија посети на земјата со цел, како што велат, да се споделат знаења и добри практики во борбата против трговијата со луѓе и да се пренесат препораки на земјите.
Ова информираат од ОБСЕ, е нејзина прва посета на земјата, која е истовремено земја на потекло, транзит и дестинација за жртвите на трговијата со луѓе, особено на малолетници.
За време на посетата на Македонија Јарбусинова остварила средби со министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Јавниот обвинител, Марко Зврлевски, државниот секретар во МВР и Национален координатор, Анастасија Илиеска и со Националниот известувач за борба против трговијата со луѓе и криумчарење мигранти, Киро Тодоровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.