| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Секој што го прекршил законот треба да одговора пред институциите

грујо

Владата има план за излез од кризата кој предвидува за секој што на каков било начин го прекршил законот и се најдат докази за тоа да одговара пред институциите на државата.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски одговрајќи денеска на пратеничко прашање во рамки на собраниската седница.

– Секако дека имаме план за излез од кризата. Планот е секој што на кој било начин го прекршил законот или со снимањето на нелегалните материјали, со емитувањето и каков било чекор за кој ќе се најде доказ дека некој го прекршил законот да одговара пред институциите на државата. Ние не бегаме од дијалог и од разговор.  Но, тој разговор не може да биде каква било трговија со нешто што е прекршување на законите на Република Макеоднија – истакна премиерот.

Одговорајќи на прашањето од пратеничката Роза Топузова-Каревска кое се однесуваше на случајот со прислушувањето, Груевски рече дека веќе јавно се има произнесено за овие прашања и потенцира дека вакви слични ситуации на нелегално снимање и креирање телефонски разговори, упад на безбедносни системи се случуваат во многу држави и оти ниедна држава не е целосна имуна, но важно е што во овој случај нашите безбедносни служби ги разоткрија и успеаја да ги лоцираат, да ги пронајдат и фатат сторителите и да ги изнесат пред институциите на системот кои утврдија и мерки, а во еден случај е изречена и затворска казна.

Премиерот е убеден дека мнозинството на граѓаните ќе го препознае овој обид со кој сака да се загрози стабилноста на земјата, да се наруши стабилноста  и некој од тоа да профитираат.

– Креаторите да профитираат на начин што им е значаен на нив, а нивните експоненти, во овој случај Зоран Заев да се добере до власта, до она што всушност граѓаните не сакаат да му го дадат, препознавајќи ги нивните политики како деструктувни, некреативни и политики кои нема да донесат прогрес на Република Македонија – рече Груевски и додаде дека личните цели на Заев се доаѓање на власт по секоја цена, но не со реални проекти, реални програми, туку со создавање криза.

Премиерот посочи дека доколку се погледне историјата на СДСМ, во најголем дел од навратите кога доаѓале на власт била со користење криза.

– Постои обид за загрозување на стабилноста на земјата. Не случајно беа најавувани емитување на креирани разговори со меѓуетнички елементи кои ако на таков начин се сечат, лепат, манипулираат, секако дека може да создадат одредени чувствителни ситуации кај граѓаните. Да бидат изманипулирани и да бидат доведени во ситуација да се поттикне нивна реакција. И тоа е она што говорам да не се подгледне на овие шпекулации за целите на тие кои му ги дале креираните разговори на Зоран Заев – рече Груевски.

За тоа дали разговорите се автентични, тој наведе дека тоа ќе се утврди во судски процес. Но, како што додаде, самиот факт што од СДСМ сами кажаа дека ги сечат, лепат, редат, подредуваат, ставаат делови, кажува дека има сериозен елемент на неавтентичност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top