При полициските акции против криминални банди во Гетеборг е забележан пораст од 25 проценти на запленето автоматско оружје, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
По повод нападот со автоматско оружје во еден ресторан во Гетеборг пред една недела, во кој животите ги загубија две лица, од кои и едно 20-годишно момче по потекло од Србија, голем број шведски политичари побараа натамошно зоастрување на мерките со цел заплена на оружјето со кое располагаат криминални банди.
Полицијата во регионот на западна Шведска од септември 2013 година има извршено голем број заплени на оружје во специјалните акции насочени кон разбивање на организираните криминални мрежи во предградијата на Гетеборг.
Од 209 запленети парчиња оружје 51 се различни видови автоматски пушки, кои речиси без исклучок се прошверцувани во Шведска од подрачјето на Балканот. Автоматското оружје се шверцува преку Германија во автомобили и автобуси кон Шведска.
– Оружјето се крие во автомобили и мошне е тешко да се открие таков вид на транспорти. Денес немаме никакови гранични контроли. Всушност, би требало во врска со транспортот на оружјето од Балканот прво да постојат гранични контроли во Германија, но очигледно е дека таквите контроли не се ефикасни – изјави Пол Сјоландер, пoлициски комесар за тешки кривични дела од Гетеборг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.