Со шест килограми и 560 грама хероин, спакувани во 13 пакети и скриени во шасијата на автомобилот, двајца странски државјани, доцна синоќа беа уапсени на влезот на грчкото пристаниште Игуменица, соопштуваат од грчката крајбрежна служба.
Според информации на дописничката на МИА од Атина, станува збор за македонски државјани на возраст од 41 и 48 години. Дрогата била скриена во внатрешноста на шасијата на автомобилот, а ја открило полициското куче.
– По извршената контрола на надворешната порта на пристаништето Игуменица, од членовите секторот за борба со дрога на крајбрежната полиција и по индикацијата од полициското куче „Леси““, во патнички автомобил што го возеше 41-годишниот, а 48-годишниот беше совозач, во специјално направени скриени дупки во внатрешноста на шасијата во задниот дел на возилото, беа пронајдени тринаесет (13) пакети хероин, завиткани со најлон со вкупна бруто тежина од шест килограми и петстотини шеесет грама (6.560 кг), соопштуваат од грчката крајбрежна служба.
Локалните медиуми пишуваат дека уапсените, со автомобилот, веројатно сакале да се качат на траект за Италија.
Грчката крајбрежна служба соопшти дека дрогата е запленета, како и патничкиот автомобил на уапсените.
Ова е трет случај, за помалку од четири дена, кучето со име „Леси“ на грчката полиција да открие шверцери на дрога на пристаништето Игуменица во северозападниот дел на Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.