Сезоната за возење велосипеди започна, а со тоа започна и сезоната на нивно крадење. Низ чаршијата во главниот град често можат да се слушнат муабети за тоа како некој точак е украден од дворот, зградата во која живее, пред банка, пред продавница, во парк и насекаде каде што ќе начекаат крадците. Последните неколку години се повеќе скопјани решаваат велосипедот да биде нивно превозно средство, некој од финансиски аспект, а некој од здравствен.
“Вечер” истражувал каде најчесто во Скопје се случуваат кражбите на велосипеди и во кој период од годината. Во Скопје најмногу велосипеди се крадат во пролетниот и летниот период, кога е и сезоната за возење точаци, а најмногу кражби се случуваат во централното градско подрачје, односно на прометните места како пазарите и трговските центри, но тоа не значи дека и останатите делови од Градот се имуни на кражбите. Крадците најчесто не се пребирливи за марката на точакот, односно дали точакот вреди илјадници евра или пак многу помалку.
Многу од граѓаните коментираат дека голем дел од велосипедите што се наоѓаат на познатиот Канта пазар се крадени, потоа офарбани и се продаваат, па ни самиот сопственик на точакот може да се случи да не си го препознае својот.
Граѓаните што останале без превозното средство случајот веднаш го пријавуваат во полиција со надеж дека велосипедот ќе биде пронајден. Украдените велосипеди е прилично тешко да бидат пронајдени, а некои од нив се растураат на делови.
Сепак, доколку велосипедот има сериски број, многу полесно ќе биде пронајден и препознаен од страна на сопственикот кој веднаш ќе ја извести полицијата.
– За пет години ова е трет велосипед што го купувам. На работа одам со него и го оставав пред фирмата, па само што се качив до канцеларија велосипедот ми беше украден. Крадецот ме видел кога сум го оставил, го врзував со тенко синџирче и тој само го потегнал и го скинал. На камера го видовме како тоа го прави, но не му се гледаше лицето, бидејќи носеше качулка. Оттгаш новиот велосипед го ставам внатре во фирмата, вели Игор.
Сепак, има и граѓани на кои им се посреќило да им биде пронајден велосипедот и да им биде вратен од полицијата.
– Точакот ми го украдоа во ГТЦ. Веднаш отидов во полициска станица и пријавив, но искрено не се надевав дека ќе биде пронајден. Беше скап велосипед, а на полициските службеници им кажав каква боја е, серискиот број им го кажав, која марка е и уште некои ситници поврзани со велосипедот. После 2 месеци ме повикаа во полициската станица. Веднаш го препознав, им ги покажав документите за точакот на кои го пишуваше серискиот број, од каде е купен и каква марка е, за да можат да потврдат дека е мој. Веднаш ми беше вратен и искрено се надевам дека нема повторно да ми се случи истото, раскажа Перо.
Од МВР известуваат дека во текот на 2014 година извршени се вкупно 878 кривични дела на кражби и тешки кражби на велосипеди, од кои 174 се кражба, а 704 тешка кражба. Оттаму потенцираат дека во тешки кражби спаѓаат сите велосипеди кои се укрдени насилно, односно со кинење на синџирот. Од страна на полицијата расветлени се 96 дела, од кои 31 дело на кражба, а 65 дела се тешка кражба. Најголем дел, односно 87,5% од случаите се извршени на подрачјето на Скопје, 769 од кои 123 кражби и 646 тешки кражби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.