| четврток, 6 декември 2018 |

МЗШВ: Со голем број мерки и со субвенции се поддржува сточарството во Македонија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска со соопштение реагираше на обвинувањата од СДСМ дека проблемите во сточарството не се решаваат, во кое посочува на преземените мерки и планираните активности во оваа област.

– Овчарството во Република Македонија има долга традиција и е поддржана со поволните природни услови (стадата се одгледуваат во еколошки чисти зони, а пасиштата заземаат речиси половина од вкупното земјоделско земјиште) и значително придонесува за земјоделскиот извоз. Бројната состојба на овците во осумдесетите години изнесувала повеќе од два милиони грла, но со транзициските промени во времето на СДСМ, бројот на овците константно од година во година опаѓа се до 2007 година. Со политиките на оваа Влада за поддршка на секторот, трендот на намалување е сопрен и последниве години постепено  се зголемува. За 2013 година според податоците добиени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, бројот на регистрирани одгледувалишта на овци и кози  изнесува 9.427,  а вкупниот број на овци е 731.828 грла, се вели во реакцијата од МЗШВ.

Во неа се додава дека целите на сегашната политика и мерките на политиката на Министерството во индустријата на овци се зголемување на бројот и подобрување на расната структура во стадата на овци во Македонија.

Во таа насока, се посочува, преку програмата за финансиска поддршка во земјоделието, овчарството финансиски се поддржува со директни плаќања за обележани грла овци од сите категории  со  1.000 денари, произведено и предадено овчо млеко во регистриран преработувачки капацитет со  3,5 денари по литар, дополнителна поддршка од 700 денари за задржано женско јагне, дополнителни директни плаќања во висина од 500 денари од автохтони раси Праменка (Овчеполка, Шарпланинаска и Каракачанска), како и дека преку програмата за рурален развој  се дава и финансиска поддршка  од 50 проценти за набавка на машки приплодни грла и на педигрирани овци.

– Во врска со синиот јазик, кој го зафати целиот Балкан, сточарите ќе бидат обештетени за секоја угината овца по 4.000 денари или вкупно 80 милиони денари и ќе бидат исплатени до крајот на април. За подобрување на условите на пасиштата министерството за земјоделство оваа година ќе реализира Проект со кој на 100 пасишта каде што се напасуваат најголем број овци, ќе се постават поилишта, громобрани и фотоволтаични извори  на електрична енергија со што на овчарите ќе им се овозможи да имаат пристоен живот на бачилата. Уредувањето на пасиштата продолжува и во наредните години, се вели во реакцијата од Министерството.

Оттаму посочуваат дека поволни средства во сточарството можат да се користат и од ИПАРД 2 Програмата каде што се субвенционира 60 проценти од инвестицијата. За олеснување во користењето на овие средства, МЗШВ формира фонд од 20 милиони долари со што ќе се гарантира 50 проценти од хипотеката што ја бараат банките за одобрување на кредитите.

За изготвување на документацијата за аплицирање за средставата од ИПАРД Програмата, Министерството во секоја подрачна единица обезбедило стручно лице (советник) кој исклучиво ќе работи во изготвувањето на апликациите.

– Во однос на производството на добиточна храна што е еден од главните услови за зголемување на добиточниот фонд, министерството превзема низа мерки и тоа – субвенционирање на 50 проценти на системите капка по капка за производство на пченка со што се зголемува приносот на 12.000 килограми по хектар. Исто така,  УСАИД во овие системи вложува 5 милиони долари додека Швајцарската Влада 1,8 милиони швајцарски франци. УСАИД има изготвено програма за опремување на 7 000 ха со овие системи со што би се задоволиле потребите од овој вид добиточна храна во Република Македонија, посочуваат од МЗШВ.

Во реакцијата се истакнува дека сите овие мерки кои ги презема Владата и Министерството се во функција на создавање на поголемо производство на храна и за подобрување на  условите во руралните средини.

Од Министерството информираат дека досега се исплатени 1 милијарда и 200 милиони денари субвенции во сточарството за 2014 година  и тоа за говеда, овци, задржано женско јагне и јаре, за приплодни грла маторици и за презимено пчелно семејство, како и дека оваа Влада девет години целосно ги исплаќа субвенциите според календарот на исплата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top