Земјоделците на своите фарми дневно можат да преработат само 30 литри млеко, да продадат само еден тон мед годишно или 10 килограми риба дневно од сопствениот рибник. За да го направат тоа, мора да имаат декларација со рок на употреба, а сопственикот на фармата треба да има посебно обележано место од каде ќе продава. Ако производот е расиплив, треба да обезбеди посебни услови за чување како разладни уреди и витрини. Ова се само дел од законските одредби предвидени со новиот Правилник за условите за директно снабдување од страна на производителот на мали количества примарни производи до краен потрошувач, пишува Дневник.
Правилникот е објавен во „Службен весник“ минатиот месец и веќе е стапен во сила. Земјоделците се вџашени од ваквите одредби и сметаат дека количините што се предвидени за продажба од фармите се минимални, а условите под кои треба да продаваат се ригорозни.
Фармерите опфатени со овој правилник треба да ги одржуваат чисти сите објекти во врска со примарното производство, вклучувајќи ги и магацините, редовно да ги дезинфицираат на соодветен начин опремата, контејнерите, гајбите, но и возилата и другата опрема што се користи во производството, пишува весникот.
Во Правилникот е предвидено дека максималното количество сурово млеко што може да се преработи на ниво на фарма не треба да изнесува повеќе од 10.000 литри годишно или до 30 литри на ден. Максималното количество јајца за консумирање со директно снабдување на крајниот потрошувач не треба да надмине 17.000 јајца годишно или до 50 јајца дневно, а јајцата треба да се чувани во чисти, суви и ладни простории, заштитени од директна сончева светлина и негативно дејство од штетници. Јајцата не треба да бидат постари од 21 ден од несењето. Количеството мед и другите производи од пчели не треба да надмине од 1.000 кг годишно. Максималното количество риба за консумирање не треба да надмине 3.500 кг годишно или до 10 кг дневно.
Сите производи што се продаваат мора да се декларирани и означени со име на производот или на името на животински видови од кои е добиено, начинот на подготовка, детали за производителот. како име и презиме и регистерски број од Агенцијата за храна и ветеринарство, датумот на производство и крајниот рок на употреба.
Земјоделците се вчудовидени од ваквите правила и сметаат дека количините што се предвидени за продажба од фармите се минимални, а условите под кои треба да се продава се ригорозни.
– Треба да го видиме правилникот, па да коментираме. Ако е така, најголем дел од малите земјоделци ќе пропаднат бидејќи има такви што живеат од разнесување млеко од две-три крави по домаќинства – велат во Сојузот на земјоделци, пишува Дневник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.